Заев: Прво извештај за истрагата од пожарот во тетовската модуларна болница, потоа став за оставките

Фото: Мета.мк

Премиерот Зоран Заев денеска рече оти германските експерти треба да го дадат својот извештај околу истрагата за пожарот во тетовската модуларна болница за 10 до 15 дена, додека истражните органи од земјава треба да го направат тоа неделава. Премиерот инсистира дека за понудените четири оставки ќе донесе одлука откога ќе бидат објавени извештаите од истражните органи за пожарот.

„Нашите извештаи очекувам многу бргу да бидат готови. Не би сакал никако да избрзуваме, нешто избрзано да направиме, но времето е важно. Граѓаните бараат одговор, не само затоа што јас ги чекам извештаите за да дадам став за поднесените оставки, уште поважно е дека граѓаните бараат одговор што всушност се случило, кои се причините и слично. Јас лично очекувам до крајот на оваа недела да излезат извештаите, а дали ќе биде така или не, тоа ќе каже републичкиот и надлежните обвинители“, изјави премиерот Заев.

Заев вели дека моралната одговорност е постигната со тоа што министерот за здравство Венко Филипче, заменикот-министерот Илир Хасани и директорите на тетовската болница Флорин Бесими и Артан Етеми ги понудите своите оставки. Тој додаде дека при донесувањето на одлуката за оставките ќе оценува како работеле тие досега, а нема да го земе предвид единствено случајот со тетовската болница.

Во денешната изјава за медиумите, премиерот рече дека не може едноставно да се разрешуваат министри, затоа што треба да се мисли и што понатаму и дали треба да се донесе некој нов за да учи како да се менаџира со ковид-19 пандемијата.