Премиерот Зоран Заев, коментирајќи ги документите што ги објави „Викиликс“ дека уште во 2008 година било прифатено името „Република Северна Македонија“, изјави дека тоа е уште една причина повеќе сите заедно да застанеме и да и обезбедиме сигурна иднина на државата.

– Верувам дека ваквите докази кои излегуваат во јавноста, ќе бидат уште една причина сите заедно да застанеме и да и обезбедиме добра иднина на Македонија – рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање по денешното потпишување на договори за финансиска поддршка за отворање бизнис- акцелератори за млади.

Тој додаде дека многу влади се труделе да изнајдат решение и добро е што сега е потврден македонскиот идентитет.

– Знаете дека ги поседував разговорите кои сега се кај Специјалното јавно обвинителство. Многу влади се труделе да изнајдат решение и претходната влада се трудела. Дел од решението во делот на името и неговата севкупна употреба или како што се нарекува „ерга омнес“ било прифатено и во делот на Северна и во делот на Горна Македонија. Драго ми е што ние добивме потврда на целокупниот наш идентитет – македонскиот јазик која што беше важна цел поставена на преговарачкиот тим – додаде Заев.