Фото: Арбнора Мемети

Неможноста новинарите да имаат брз пристап до информациите од јавен карактер беше клучна забелешка на европскиот експерт Рајнхард Прибе, кој уште во 2015 година во рамките на итните приоритетни реформи во сферата на медиумите побара властите да ги адресираат главните пречки со кои се соочуваат новинарите при добивањето јавни информации.

Во таа смисла тој побара релевантните институции да одговорат на многу барања за информации на новинарите, да не доцнат неоправдано со своите одговори и да не ja користат прекумерно категоријата „доверливо“ за документи што не се од таква природа.

Што властите направија во изминатите пет години да ги адресираат клучните прашања покренати од Прибе, а кои ги загрижуваа новинарите во однос на комуникацијата со институциите и добивањето информации од јавен карактер за создавање на своите приказни?

Прво, новото парламентарно мнозиство на СДСМ и ДУИ во 2019 година донесе нов Закон за слободниот пристап до информации од јавен карактер, со кој Комисијата за слободен пристап, која дотогаш ги решаваше жалбите на граѓаните одбиени да добијат некоја информација од јавен кракатер, од колективен орган, се претвори во Агенција, каде што жалбите сега ги решаваат директорот и неговиот заменик, во соработка со стручната служба.

Директорката на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, Пламенка Бојчева, вели дека не може да каже во која мерка се исполнети препораките на Прибе во однос на адресирање на грижите на новинарите за добивање информации од институциите затоа што Агенцијата не води посебна евиденција на жалби против иматели поднесени од новинари.

Анализирајќи го вкупниот број на поднесени жалби во изминатата и оваа година, Бојчева вели дека не се забележува голема разлика. Ако минатата година биле поднесени 756 жалби, оваа година досега бројката достигнува до 715 жалби.

„Тоа што е забележително е големиот процент на жалби поради т.н. молчење на управата, околу 80, 85 отсто од жалбите се поднесуваат поради непостапувањето по примените барања за слободен пристап, поради што Агенцијата со решение им наложува на имателите да одговорат на барањето“, објаснува Бојчева.

Во врска со „неоправданото прекумерно користење на категоријата ‘доверливо’ за документи што не се од таква природа“според директорката на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, речиси една година од примената на новите измени на Законот за слободниот пристап до информации од јавен карактер, постапувајќи по поднесените жалби не е забележано често и неосновано повикување на исклучокот од слободниот пристап од членот 6 став 1 и одбивање барање за пристап со образложение дека бараната информација врз основа на закон претставува класифицирана информација со соодветен степен на класификација.

„И во неколкуте случаи кога имателите се повикувале на овој исклучок, доколку не докажале дека се работи за информација заштитена на начин и во согласност со одредбите на Законот за класифицираните информации („Сл. весник на РСМ“ број 275/2019), Агенцијата ги задолжуваше имателите да им овозможат пристап на барателите до соодветната информација“, истакнува Бојчева.

Таа вели дека во последните измени на Законот има неколку позначајни новини, кои го олеснуваат и подобруваат слободниот пристап до информациите од јавен карактер. Прво, значително се зголемува бројот на имателите запишани во листата со иматели на јавни информации од јавен карактер и во таа листа влегуваат и политичките партии, кои треба да објават информации во врска со нивното финансирање.

Според неа, намалени се и исклучоците од слободниот пристап, наместо претходните 8, тие се сведени на 5.

И во иднина јавноста нема да добие класифицирани информации согласно закон, лични податоци на граѓаните, информација што ќе ја повреди доверливоста на даночната постапка, информација од кривична и прекршочна истрага или информација што ги загрозува правата од индустриска или интелектуална сопственост.

Од листата со исклучоци се симнати информациите од комерцијални и други економски интереси, вклучувајќи ги и интересите на монетарната и фискалната политика и чие давање ќе има штетни последици во остварувањето на функцијата. Освен тоа, во иднина ќе се објават и информации од документ што е во постапка на подготвување, чие откривање би предизвикало погрешно разбирање на содржината, како и информација за архивското работење што е утврдена како доверлива.

Најбитна измена за новинарите, според Бојчева, е намалувањето на рокот за одговор на барањето, односно за донесување решение, од 30 на 20 дена, со можност за продолжување за уште 10 дена. Исто така, измените предвидуваат нови глоби за непочитување на законот, 250 евра за службено лице кај имател на информации и 500 евра глоба за функционерот или раководното лице што одбило да даде информација.

Во врска со спроведувањето на законот, практиката покажува дека лани пораснал бројот на неодговорените, одбиените и пренесените барања за слободен пристап до информации од јавен карактер од страна на институциите, покажува Годишниот извештај за работењето на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер за 2019 година.

Правните и физичките лица во 2019 година поднеле вкупно 8.299 барања до државните институции, општините, судската власт и здравствените установи, од кои 283 воопшто не се одговорени, 163 се одбиени, а 7 случаи биле пренесени.

Во споредба со 2018 година, лани е пораснат и бројот на жалбите до Агенцијата за слободен пристап. Ако пред две години имало 622 жалби, лани тој број се искачил на 755, што е за 133 жалби повеќе.

Дополнително, изборот на директорот и заменик-директорот на Агенцијата доцнеше речиси две години и во тој период немаше кој да ги реши жалбите на граѓаните затоа што Комисијата немаше мнозинство мериторно да одлучува поради оставките на дел од членовите.

За да се одбележи една година од спроведување на Законот, кој беше донесен на 16 мај 2019 година, a почна да се применува од 30 ноември, Центарот за граѓански комуникации на почетокот на декември, во Скопје организираше настан каде имаше учесници со физичко присуство и онлајн.

Целта на дебатата беше да се анализираат и да се дискутираат привичните ускуства од примената на Законот и на време да се укаже на евентуалните недоследности со цел да се извлечат препораки и да се унапреди неговата примена во иднина.

На почетокот на дебатата, претставниците на ЦГК ги презентираа резултатите од нивната анализа, која се базира на одговорите на 460 барања за пристап до информации од јавен карактер, доставени во првите шест месеци од примената на законот, први декември 2019 година до 31 мај годинава.

Според податоците од анализата, во законски рок од 20 дена, е договорено само на 51 отсто од барањата за информации, додека просечниот рок во кој институциите одговориле на барањето е 23 дена.

70 отсто од добиените одговори биле целосни и ги содржале бараните информации, додека во 22 случаи одговорите биле нецелосни, додека на 8 отсто од барањата за слободен пристап не бил даден никаков одговор.

Од вкупниот број на поднесени барања, во Агенцијата за слободен пристап се поднесени 60 жалби, што е 13 отсто од барањата. Во ова бројка спаѓаат барањата кои не се одговорени поради молкот на управата.

Агенцијата, од 60 жалби, уважила 90 отсто и ги задолжила имателите на информации да ги постават бараните податоци.

Пола од барањата за слободен пристап биле доставени за време на кризата, додека другата половина пред кризата. 46 отсто од барањата биле одговорени за време на кризата, додека пред неа процентот е нешто поголем, 56 отсто решени барања во законски рок.

За време на корона кризата на институциите им требале во просек 24 дена да одговорат на барањата за слободен пристап, додека пред кризата одговориле побрзо за еден еден.

Во врска со молчењето на администрацијата, професорката Ана Павловска Данева, предложи неколку препораки со цел да се надмине проблемот. Првата препорака беше раководителите на институциите, министри или директори, да ги решаваат барањата за слободен пристап и со тоа да преземат одговорност за начинот на решавање на барањата затоа што во законот има казни за нив, а не за раководните лица.

Павловска Данева предложи Агенцијата мериторно да одлучува кога институцијата нема да одговори на доставено барање за слободен пристап и во нејзино име да донесе решение, со која самата ќе ги побара информациите, а потоа таа да ги проследи до барателот.

На овој предлог, сомнеж имаше Агенцијата која се пожали дека во Законот нема изричито овластување да побарува информации во име на барателите.

Освен тоа, Павловска Данева побара Агенцијата да следи колку институциите ја исполнуваат законската обврска да изработуваат и јавно да ги објават листите на информациите што ги поседуваат, а Агенцијата сите овие аспекти да ги објави и на нејзината веб страна. Претставниците од Агенцијата ја прифатија забелешката додавајќи дека не е важно само да се објавуваат листите со информациите, туку до нив да се доаѓа со еден или два клика на интерфејсот на веб страната.

На дебатата, дополнителни предлози даде и Данче Даниловска Бајдевска, претставничка од Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ), која сметаше дека зајакнатата примена на членот 10 од Законот, кој предвидува објавување на сите информации со кои располага институцијата, ќе ја зголеми проактивната транспаретност и ќе го намали доставувањето барања до институциите во хартиена форма.

Даниловска Бајдевска смета дека институциите треба да ги објават веќе споделените информации со барателите со цел тие да можат да се преземат и од други граѓани затоа што тие често доставуваат идентични барања.

Освен тоа, од страна на претставничката на ФООМ, како став и заложба на институцијата која ја претставува, беше предложено да се формира координативно тело при Министерството за информатичко општество и администрација, со сите засегнати страни каде ќе се разменуваат информации за прогресот во примената на Законот и ќе се укаже на евентуалните слабости со цел да се зголеми транспаретноста и отчетноста на институциите, уредена во повеќе стратешки документи.

Дополнително, со засилена и постојана примена на мерките и активностите предвидени во овие документи да се унапреди и примената на Законот за слободен пристап.

За учесниците на дебатата позитивно беше оценето што граѓаните се почесто се појавуваат како баратели на информации, дури и како доставувачи на жалби, што покажува дека тие знаат да ги користат бенифитите на законот, а од друга страна имаат и доверба кон Агенцијата за слободен пристап. Меѓутоа, сепак, досега граѓаните бараат информации што воглавно се однесуваат на документи потребни за остварување на некое нивно право.

Новинарите кои секојдневно го користат правото на слободен пристап за добивање информации за потребите на нивните истражувања, на дебатата тврдеа дека нивните искуства се слични на наодите од анализата на ЦГК.

За Билјана Бејкова од НВО „Инфоцентар“, и по неколку години, подзаборавените препораки на Прибе за подобрувањето на пристапот до информации од јавен карактер се актуелни, односно акутни.

Бејкова смета дека новинарите и понатаму се соочуваат со долги процедури, со ненавремено добивање на бараните документи, со долга и неефикасна жалбена постапка, како и со неквалитетни одговори од институциите – иматели на информации од јавен карактер.

„Пандемијата на ковид-19 дополнително ја влоши ситуацијата и ги намали транспарентноста и ажурноста на институциите, како на национално, така и на локално ниво“, оценува Бејкова.

Таа вели дека новинарите и натаму се соочени со проблемот на користење на категоријата „доверливо“ за документи и информации што не се од таква природа.

„Новинарите што следат судски процеси често се жалат дека некои документи и информации (како, на пример, датум на отворање на постапка или решение за притвор) неоправдано се квалификувани како доверливи. Според нив, ваквото постапување на институциите претставува злоупотреба, односно ги оневозможува новинарите во нивната работа, а со тоа ги оневозможува и граѓаните во остварувањето на нивното право да бидат квалитетно и навремено информирани за теми и проблеми од јавен интерес“, оценува Бејкова.

Според неа, потребна е промена на законот во делот на роковите за доставување на бараните информации, особено за новинарите, односно роковите треба да бидат пократки, додека санкциите за ненавременото и неквалитетно доставување на бараните информации од страна на имателите на информации да бидат многу повисоки.

„Ваквата законска промена, како и јасната политичка волја за подобрување на транспарентноста и пристапот до информации преточена во практика се единствениот начин за подобрување во оваа сфера“ уверува Бејкова.

Сашка Цветковска, истражувачки новинар од Истражувачката репортерска лабораторија, од искуство вели дека простор за критика за работата на институциите има, но има и одредено подобрување.

„Сѐ повеќе институции одговараат и се трудат да одговорат на барањата што понекогаш можат да се и масовни“, открива Цветковска.

Таа тврди дека одредени институции го злоупотребуваат Законот и бараат од новинарите и за најбанални тековни работи да упатат барање согласно Законот за слободниот пристап до информации од јавен карактер.

„Ова се прави кога сакаат да го одолговекуваат одговорот“, оценува Цветковска.

Според неа, за големите корупциски случаи и високопрофилираните случаи на инститиционални злоупотреби, постои тенденција да не се одговара или да се одговара парцијално, па дури и до таму да се врши притисок врз службените лица во институцијата за посредување со информациите од страна на центрите на моќ или да се фалсификуваат или кријат документи.

„Кога станува збор за висока корупција и организиран криминал, состојбите не се променети. Главно, подобрена е транспарентноста на повеќе институции, а подобри практики имаат локалните институции“, вели Цветковска.

Таа има пофални зборови за работата на вработените во Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, кои професионално и беспрекорно ги разбираат проблемите и им нудат помош на новинарите при користење на овој закон.

„И Агенцијата делува поохрабрена во однос на притисокот врз институциите што одбиваат соработка“, вели Цветковска.

Автор: Насер Селмани

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.