Еден од напуштените објекти во ОХИС | Фото: Архива на Мета.мк

Опасноста од загадување со жива, која доаѓа од погонот за електролиза во ОХИС ќе се решава со помош на меѓународни фондови. Северна Македонија на почетокот на годинава ја ратификуваше Минамата Конвенцијата за жива и како нејзина членка ќе има пристап до нови извори на финансирање, конкретно наменети за решавање на проблемите со жива. Се работи за исклучително токсичен метал, кој предизвикува сериозни последици за здравјето на луѓето. Во Министерството за животна средина информираат дека средства за третман на историските жаришта поврзани со загадување од жива може да се добијат, но процесот преку може да потрае неколку години заради сложените процедури.

Во меѓувреме, продолжуваат активностите за изнесување на 11 токсични материи преку проектот „Отстранување, дислоцирање, уништување или неутрализирање на хемиски материи“ од АД „Охис“- Скопје“. Досега, компанијата „Екоцентар 97“ извезе речиси 64 тони опасни хемикалии во кои има метанол, акрилонитрил мономер, но и непознати хемикалии, во „Валорек Сервисис“ инсенераторот во Базел, Швајцарија. Остануваат опасниот винил хлорид мономер, околу 14 тони, кој безбедно ќе се третира во Германија и останатата количина на хемиски супстанции околу 4,6 тона иницијатори и 5,2 тони хемикалии со непознат состав. Се чека и исходот од тендерот за избор на фирма која ќе треба да го неутрализира линданот.

„Податоци за видот и количините на складирани хемикалии во кругот на ОХИС се достапни во физибилити студиите што се работени заради утврдување на методите за ремедијација, а најнови податоци се обезбедени со деталното истражување кое е направено во рамките на подготвителните активности за чистење на HCH, поточно линданот. Речиси сите складирани застарени хемикалии, кои претставуваа огромен товар за државата и потенцијален ризик од еколошки аспект, се отстранети од страна на ‘Екоцентар 97’. За чистење на линданот, во завршна фаза е тендерската постапка за избор на најдобар понудувач. По завршување на тендерската постапка, изведувачот ќе се задолжи да ги обезбеди потребните еколошки дозволи и конечно ќе се започне со отстранување на линданот“, информираат од Министерството.

Како последна, иако меѓу најопасните, ќе остане живата во ОХИС, која веќе неколку децении е огромна опасност за здравјето на скопјани. Македонија има обврски според Конвенцијата Минамата за жива, која е меѓународен договор дизајниран да го заштити човековото здравје и животната средина од антропогени емисии и ослободувања на соединенија со жива и жива. Договорот го регулира директното ископување жива, извозот и увозот, безбедното складирање, но и отстранувањето и третманот на отпадот.

Аднан Ќахил, поранешен инженер во ОХИС кој беше и координатор на работната група на Владата за справување на проблемот со линданот, вели дека од чистењето на ОХИС зависи и еколошката состојба и на околните населби.

„Тлото на ОХИС е потполно загадено со многу хемикалии. Почнувајќи од живата, остаток од електролизата, потоа монохлороцетна киселина, со пестициди, хербициди и фунгициди и други хемикалии. Има три буништа со огромни количини на линдан, а анализите кои се правени покажуваат како тие влијаат во воздухот и подземните води. Во ОХИС, но и пошироката околина, дури и до средина на Аеродром, Лисиче и Драчево подземните води се загадени со линдан и според анализите кои ги правевеме, дури во воздухот во Ѓорче Петров се наоѓаа честички од линдан“, вели Ќахил.