fbpx

За 1.000 денари зголемени ратите за отплата на потрошувачките, а за 1.400 денари кај станбените кредити

-

Се зголемува бројот на граѓани кои се задолжуваат кај банките за да ги рефинансираат кредитите и при тоа запаѓаат во уште поголеми долгови. Најдобар показател за тоа е што кај потрошувачките кредити, просечната месечна рата за отплата се зголемила за 21 отсто или за речиси 1.000 денари, додека кај станбените кредити овој раст изнесува 8,8 отсто или речиси 1.400 денари во изминатиот едногодишен период.

Овој тренд го откриваат податоците на Народната банка објавени во извештајот за ризиците во банкарскиот сектор во кој меѓу другото се вели дека најголем дел од новите кредити им се одобруваат на постојни кредитокорисници ˗ домаќинства.

„Во сегментот на домаќинствата, само 11,9 отсто од новоодобрените кредити им се одобрени на нови кредитокорисници  (во нивната структурата, највисоко е учеството, од 58,4%, на потрошувачките кредити, а на станбените кредити отпаѓа близу една третина од кредитите одобрени на нови клиенти)“, пишува во извештајот.

Во него се објаснува дека во услови на постојано олабавување на кредитните стандарди, вклучително и пониски каматни стапки, рефинансирањата на кредитите на домаќинствата (пред сѐ, станбените и потрошувачките кредити) прилично зачестија.

„Ова упатува на дозадолжување на постојните кредитокорисници, коишто при рефинансирањето, честопати, се задолжуваат со уште поголем износ на кредит. Со цел да се избегне превисока, задолженост на клиентите, особено е значајно банките да имаат поставено доволно прудентни нивоа за висината на показателот за соодносот меѓу вкупните месечни отплати на долгот на клиентите и нивните месечни доходи (коишто тековно се поставени на ниво од 55-60 отсто)“, се укажува во извештајот.

На прашањето на „Мета.мк“ дали Народната банка смета дека постои ризик од презадолженост кај дел од граѓаните посебно откако голем дел од нив ја искористија понудата на банките за одложено плаќање на кредитите поради корона вирусот, оттаму велат дека растечкото задолжување е очекувано и не се забележуваат сигнали за презадолженост.

„Кредитирањето на домаќинствата, во последните неколку години бележи солиден раст, во просек од околу 10 отсто. Кредитните текови се насочуваат пред се во сегментите коишто се однесуваат на потрошувачките и станбените кредити. Со оглед на се поголемата динамичност на вториот сегмент, долгорочното кредитирање постепено се зголемува и во последниве четири години гравитира околу 90 отсто од вкупното кредитирање. Растечкото кредитирање на домаќинствата е очекуван тренд, имајќи ја предвид ниската појдовна основа, со што вкупната задолженост на населението и понатаму е умерена и изнесува околу 25 отсто од БДП. Засега, не постојат сигнали за презадолженост на домаќинствата, а воедно и показателите за ликвидноста, солвентноста, системскиот ризик и останатите индикатори за отпорноста на овој сектор не упатуваат на изразена ранливост на овој сектор“, велат од Народната банка.

Оттаму додаваат дека потврда е солидниот квалитет на кредитното портфолио на домаќинствата, односно на крајот на 2019 година, учеството на нефункционалните во вкупните кредити изнесува само 2 отсто.

„Сепак, минатата година се забележаа одредени сигнали за зголемени ризици кои на редовна основа се следат од страна на централната банка“, велат од Народната банка.

Во однос на одложувањето на обврските за отплата на кредити што го направија банките, од НБМ велат дека тоа всушност значи олеснување на финансискиот товар на кредитокорисниците во периодот кога се очекуваат најсилните ефекти од кризата.

„Имено, во неколкумесечниот период, граѓаните коишто ги прифатија понудите на банките за поместување на обврските по кредити, нема да ги исплаќаат своите долгови кон банките со што се очекува дека би им се помогнало полесно да минат низ оваа кризна епизода. Ваквото, одобрување на грејс-период во сервисирањето на обврските на клиентите на банките, само по себе, не би требало да предизвика зголемување на вкупниот долг на граѓаните“, сметаат од Народната банка.

Инаку, според последниот извештај за ризиците во банкарскиот сектор во 2019 година се забележува зголемување на учеството на задолженоста на лицата со пониски месечни примања.

„Имено, 46,7 отсто од вкупната кредитна изложеност на домаќинствата е сконцентрирана кај домаќинствата со нето-плата еднаква или помала од просечната нето-плата за 2019 година.  Овој процент е уште повисок кај кредитните картички и негативните салда на тековните сметки (61,5 отсто) и кај потрошувачките кредити (54,6 отсто), додека кај станбените кредити е на значително пониско ниво (21,7%). Сепак, соодветно со обемот на месечните примања, категоријата кредитокорисници со нетоплата еднаква или под просечната имаат најниска просечна задолженост по лице“, пишува во извештајот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Забраната за примање невакцинирани деца во градинка во време на епидемија, не е дискриминација

Со објавата се шири паника и се обвинуваат здравствените власти, иако станува збор за стандардно постапување кое поради недоволен вакцинален опфат беше применувано и во 2019 година, кога имаше...