Собраниската Интерпатиската парламентарна група за интеграција, реформи и помирување денеска треба да го одржи вториот состанок, на кој е поканет премиерот Зоран Заев да ги образложи своите гледишта.
На првиот состанок што беше одржан пред два дена членовите на Интерпатиската парламентарна група постигнаа согласност за формирање три работни подгрупи и за динамиката на работата на ова тело, информираше копретседателката на телото, Фросина Ременски.
– Интеграцијата се однесува на уставните измени за членство во ЕУ и НАТО. Втората подгрупа е за поширок план на помирување и ќе работи на решенија поврзани со настаните за 27 април. Ќе има долгорочен план. Ова е чин на консензус меѓу одговорни пратеници кои сметаат дека без соработка за темите кои нè делат не може да одиме во реформи и интеграција. Третата подгрупа, ќе биде за реформски процес по ЕУ-агенда. Тоа ќе го овозможиме преку инклузивен процес и носење одлуки за реформи и двотретински закони да се градат преку консензус. Сите овие процеси се врзани и детерминарни и ќе одат во еден здив и пријатна атмосфера – рече Ременски на прес-конференција во Собрание.
Емилија Александрова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ која е исто така копретседавач со Координативното тело за помирување, истакна дека очекува забрзување на процесот на помирување, на реформите и на интеграцијата.
–Ова се условени процеси, не се бланко потписи и затоа ги повикуваме сите учесници, а пред се власта и премиерот Заев да почне уште денеска со својот придонес кон забрзување на овој процес. Сепак, не очекуваат процеси кои нема да бидат лесни за сите, но ние како независни пратеници одлучивме дека треба да застанеме на таа страна на нашата држава и дека во оваа ситуација нема простор за импровизација – рече Александрова.
Координативното тело за помирување брои 15 члена од владејачкото мнозинство, од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и пратеници кои немаат пратенички групи.
Во телото не учествуваат претставници на Беса, ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата за Албанците.