Врачени наградите на најдобрите дипломци од УКИМ

Наградите им се доделуваат на оние студенти кои додипломските студии ги завршиле во рок и со просечна оценка најмалку 9,00, а врз основа на предлозите од факултетите

фото: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) - Скопје

Традиционално и свечено, денеска во аулата на Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје беа доделени наградите на најдобрите дипломирани студенти за академската 2021/2022 година – студенти кои покажале високи достигнувања и резултати.

Наградите им се доделуваат на оние студенти кои додипломските студии ги завршиле во рок и со просечна оценка најмалку 9,00, а врз основа на предлозите од факултетите на УКИМ. Наградата се состои во паричен износ, кој секоја година го определува ректорот во зависност од средствата со кои располага Универзитетот за оваа намена, и златник со ликот на светите браќа Кирил и Методиј.

Награди за првенци на генерација добија вкупно 23 студенти – колку што има и факултети во рамки на УКИМ: Моника Шаревска од Машинскиот факултет; Стефан Неделковски од Медицинскиот; Бојан Софрониевски од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ); Јелена Спиревска од Филозофскиот; Андреј Стојановски од Филолошкиот факултет; Ана Гаштаровска од Факултетот за музичка уметност; Антонио Андоновски од Природно-математичкиот факултет; Стефан Божиновски од Факултетот за ликовна уметност; Милена Трајаноска од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ); Вероника Стојановска од Технолошко-металуршкиот; Ники Петрески од Шумарски факултет; Марина Главче од Економскиот; Зорана Антовска од Правниот факултет; Симона Цветковска од Земјоделскиот; Нена Гонтарева од Факултетот за физичко образование; Кристина Главче од Педагошкиот факултет; Елена Настеска од Архитектонскиот; Јована Спасиќ од Факултетот за драмски уметности; Марко Ѓорѓиески од Градежниот факултет; Ева Ристова од Факултетот за дизајн и технологии на мебел; Христина Љокова од Стоматолошкиот факултет; Симеон Здравески од Православниот богословски факултет и Емилија Митревска од Фармацевтскиот факултет.

Покрај ова, врачена беше и наградата „26 јули“ од Фондацијата „Франк Манинг“ од Велика Британија, која им се доделува на редовните студенти од завршниот семестар од прв циклус студии кои покажуваат особени резултати во студиите, со просечен успех во текот на студирањето од најмалку 8,00 од Архитектонскиот, Филолошкиот, Филозофскиот, Економскиот, Правниот и Факултетот за музичка уметност.

Наградите на најдобрите студенти им ги врачи ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски.

За студирањето на УКИМ и за тоа што претставува добивањето на наградата, од името на сите добитници се обрати добитникот на наградата за најдобро дипломиран студент од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Андреј Стојановски. Заблагодарувајќи им се на професорите, нивните факултети и Ректоратот, Стојановски рече дека наградите не само што им претставуваат чест, туку и ги поттикнуваат да вложуваат уште повеќе сили во остварувањето на нивните амбиции.