Возен ред без поаѓања на возови, бројот на превезени патници лани само 400.000 [инфографик]

Фото: Архива на Мета.мк

Патнички возови кои се внесени во актуелниот возен ред, но не сообраќаат. Нервозни граѓани кои се упатиле до железничките станици, но не успеале да се информираат дека поаѓањето на возот е откажано. Веќе подолг период не сообраќаат патничките возови кон Кичево, Кочани и Приштина, иако се впишани во актуелниот возен ред на Железници на РСМ-Транспорт. Од почетокот на јануари годинава, престанаа со сообраќај и возовите меѓу Скопје и Куманово, двете најголеми општини во земјава. Нередовното одржување на возниот ред е последен од низата проблеми со кои се соочуваат граѓаните што го користат патничкиот железнички превоз.

За актуелниот проблем со несообраќањето на дел од патничките возови, од Железници на РСМ-Транспорт за Мета.мк велат дека ќе се вратат во функција штом се обезбедат предуслови за тоа.

„Возовите на релација Скопје – Табановце – Скопје ќе се вратат во редовен сообраќај наскоро, штом се обезбеди доволен број на машиновозачи за редовно извршување на возниот ред. Возовите за Кичево и Кочани може да се вратат по обезбедување на материјално технички средства за нивна реализација“, објаснуваат од железничкото претпријатие.

Инаку, меѓу Скопје и Табановце по возен ред треба да сообраќаат по четири возови дневно, додека кон Кичево, Кочани и Приштина се предвидени по еден воз дневно кон овие релации. Патничкиот железнички сообраќај е актуелен во услови на раст на цената на билетите во меѓуградскиот автобуски превоз и со зголемувањето на трошоците за нафтени деривати за возилата, па граѓаните кои сакаат да заштедат, се заинтересирани да го користат возот како превозно средство.

Податоците на Железници на РСМ-Транспорт покажуваат дека во 2022 година со патничките возови биле превезени 405.507 патници во внатрешниот железнички сообраќај. Меѓународни возови нема, а лани не сообраќаа ниту линиите кон Кичево и Кочани. И покрај редуцираниот возен ред, бројот на превезени патници минатата година бил зголемен за 150.000 во споредба со 2021 година.

Од државното железничко претпријатие велат дека имаат разработено различни мерки за да се подобри нивната понуда кон патниците, но за да се воведат нови поволности за различни категории на патници неопходни им се финансиски средства без кои не би можело да се зголеми бројот на патници во железничкиот превоз.

„Постојните субвенции кои се предвидени за една тековна година не се доволни да ги покријат загубите во патничкиот сообраќај“, информираат од Железници на РСМ-Транспорт за субвенциите коишто ги доделува Министерството за транспорт и врски од државниот буџет за нормално функционирање и покривање на дел од загубите во патничкиот железнички сообраќај.

Од државниот буџет изминативе години се издвојуваа по околу 6 милиони евра од буџетот како државни субвенции за надоместување на услугите од јавниот интерес во железничкиот превоз на патници. Сепак, поради рапидниот раст на цената на струјата и нафтените деривати, македонската влата во декември лани мораше дополнително да интервенира со 3,2 милиони евра. На овој начин, се овозможи плаќање на дел од долгот за електрична енергија што го имаше Железници на РСМ-Транспорт и се овозможи нормално функционирање на железничкиот сообраќај.

Инаку, Железници на РСМ-Транспорт е традиционално на првите позиции на неславната листа на најголеми државни загубари со години наназад. Професорот на Катедрата за железници на Градежниот факултет при УКИМ, Зоран Кракутовски за Мета.мк појаснува дека железницата е транспортен систем кај кого се големи фиксните трошоци на транспортот во споредба со патниот транспорт.

„Железницата е исплатлива ако има голем волумен на патници за превоз“, вели професорот Кракутовски, додавајќи дека таа би можела да биде исплатлива ако има голема концентрација на луѓе на мал простор за да има превоз на пократки релации или ако има многу долги релации со помал број на патници.

Професорот Зоран Кракутовски додава дека субвенционирањето на железничкиот патен превоз е пракса која ја применуваат и други држави, но со јасно дефинирана цел во однос на тоа што сака да се постигне со тоа.

„Во одредени држави доделувањето на автобуски линии за превоз на патници е исто така дел од политиката во овој сектор, така да онаму каде има добра поврзаност со железница, се даваат помал број на автобуски линии, или воопшто не се доделуваат. Со тоа се влијае на поголем број на патници во возовите, а субвенциите добиваат на значење преку намалување на екстерните транспортни трошоци кои сегде ги плаќа општеството. Битно е да се има во предвид дека кај нас одредени железнички станици се градени далеку од центарот на градот и кај вакви решенија логично е дека интересот за патување со воз е речиси никаков, ако за да се дојде до железничка станица треба да се пешачи неколку километри или да се плати такси“, објаснува тој.

Во однос на досегашните владини најави за влез на приватни компании во железничкиот сообраќај во Македонија, професорот Зоран Кракутовски смета дека евентуално внесување на приватни железнички оператори во превозот на патници може да намали дел од фиксните трошоци кои ги има Железници на РСМ-Транспорт во однос на вработени и нивните примања, но нема да го реши целосно овој проблем со бројот на превезени патници.

„Недостасува подетално сегментирање на пазарот за превоз на патници во меѓуградскиот превоз во државата, како и во меѓународниот превоз за да се дефинираат јасни цели и активности кои треба да се превземат за да се зголеми правозот на патници“, додава професорот Кракутовски.

Во однос на либерализацијата во железничкиот транспорт и влезот на приватни оператори на македонските пруги, професорот Кракутовски вели дека Македонија е должна да ја исполни ваквата обврска согласно директивите на ЕУ. Сепак, досегашната пракса покажала дека поголем број на фирми ќе се јават за товарниот транспорт со железница.

„Дали ќе се јават и транспортни оператори за превоз на патници со железници, не сум сигурен имајќи ја во предвид оваа состојба во која е денес овој превоз“, заклучува професорот Кракутовски.

Европската комисија и во последниот Извештај за напредокот на Северна Македонија во европските интеграции за 2022 година упати идентични критики како и една година претходно во однос на железничкиот превоз. Во делот на сообраќајот, се бара од македонските власти конечна реализација на заедничките гранични премини со соседните земји, со што би се намалило времетраењето за патување со воз во патничкиот и товарниот транспорт. Второто барање на ЕУ е да се спроведе реформа во железничкиот сектор, односно да се отвори пазарот за влез на други компании во железничкиот транспорт, каде што монополот во моментов го држи Железници на РСМ-Транспорт. Либерализацијата во делот на железничкиот превоз е барање на ЕУ што се повторува веќе неколку години наназад.

ЕУ со исти критики како и лани: Да се забрза изградбата на Коридорите 8 и 10д и реформите во железницата