fbpx

Во Шуто Оризари ќе се отвора првиот Ресурсен центар за повратници

Центарот треба да обезбеди услуги и сервиси на локално ниво за поефикасна реинтеграција на повратниците во матични земји фокусирајќи се на неколку клучни сегменти - социјална заштита, вработување, образование, здравствени услуги, правни совети и друго

-

Во Општина Шуто Оризари ќе се отвора првиот Ресурсен центар за повратници и други маргинализирани групи. Денеска, во присуство на премиерот на Владата, Димитар Ковачевски, постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Армен Григорјан и градоначалникот Курто Дудуш беше потпишан договорот за финансирање.

Центарот треба да обезбеди услуги и сервиси на локално ниво за поефикасна реинтеграција на повратниците во матични земји фокусирајќи се на неколку клучни сегменти – социјална заштита, вработување, образование, здравствени услуги, правни совети и друго.

Установата, според најавите, ќе биде изградена како посебен модерен и современ, енергетски – ефикасен објект на површина од 310 квадратни метри наменети за потребите на граѓаните на општината.

„Шуто Оризари е првата општина во државата во која што се воведува овој модел на поддршка на повратниците и другите ранливи категории преку информирање, директни контакти и асистирање на лицата активно да се вклучат во социо-економските процеси во државата. Се надеваме дека примерот на нашата Општина ќе може да се реплицира и во други општини при што повратниците и другите ранливи групи ќе ја добијат соодветната поддршка за поквалитетен живот во матичната земја“, рече градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш.

Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Армен Григорјан рече дека програмата во партнерство со Општина Шуто Оризари веќе долго време работи во обезбедување соодветни механизми за Ромите и другите ранливи групи граѓани со цел обезбедување услови на еднакви можности за сите.

„Се надеваме дека овој прв пример ќе го следат и други општини“, рече тој на потпишувањето.

Градежните работи се очекува да почнат за две недели и ќе траат околу седум месеци, а официјалното отворање на Центарот е предвидено за втората половина на 2024 година.

Центарот ќе чини околу 180 илјади евра, од кои околу 81.000 евра ќе бидат обезбедени преку ЕУ, додека останатите ќе ги обезбеди општината.

„Ова е центар кој ќе донесе нова динамика во живеењето во општината, и верувам дека ќе придонесе кон развојот на општината и кон повисок квалитет на живот за граѓаните“, рече премиерот Ковачевски.

Формирањето и изградбата на Ресурсен центар за повратници е дел од проектните активноста во рамките на регионалниот проект „ Зајакнување на националните и локалните системи за поддршка на ефективна социо- економска интеграција на повратните во земјите на Западен Балкан“ реализиран во неколку земји на Западен Балкан од страна на Програмата за развој на Обединетите нации.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...