ДЗР: Министерството за животна средина има должници, а нема ефикасен начин да си ги наплати парите  

Во извештајот е наведено дека Министерството на компаниите кои се обврзани да го плаќаат надоместокот за вода им понудила и можност за плаќање на заостанатите долгови на рати, но и тие не се плаќале навреме и досега, од 49 милиони денари, собрани се околу 23 милиони или помалку од половината од веќе одамна достасаните обврски на компаниите

Министерството за животна средина не наплатило побарувања од 90 милиони денари или 1,4 милиони евра, како надоместок за користење и испуштање на води, покажува извештајот на Државниот завод за ревизија направен за финансиското работење на Министерството за животна средина за 2022 година. Ревизорите констатирале дека не се знае ниту кој и колку плаќа за А-интегрираните еколошки дозволи, за биоразградливите кеси, ниту пак колку пари се собираат од надоместокот за моторни возила.

Министерството давало и наменски дотации на општините, но тие не вратиле програми како тие пари биле искористени. За проектите од Програмата за природа утврдено е дека, покрај тоа што се издвојувал минимален буџет, и тие пари кои биле предвидени од државната каса, но и од меѓународни донатори или не се искористиле воопшто или пак се искористиле само делумно.

Во извештајот е наведено дека Министерството на компаниите кои се обврзани да го плаќаат надоместокот за вода им понудила и можност за плаќање на заостанатите долгови на рати, но и тие не се плаќале навреме и досега, од 49 милиони денари, собрани се околу 23 милиони или помалку од половината од веќе одамна достасаните обврски на компаниите.

Државниот завод за ревизија во ревизорскиот извештај за Министерството за животна средина констатирал дека овластениот државен ревизор има неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставените политики на оваа институција.

„Во ревизијата на финансиските извештаи е утврдено дека сметководствено-финансиските работи не се водат навремено, целосно и ажурно, ниту е спроведен попис на средствата, побарувањата и обврските. Не се евидентирани деловни објекти, ниту е осигуран дел од деловниот простор и опремата со која располага Министерството“, се вели во извештајот на ДЗР.

За Програмата за управување со водите за 2022 година не е воспоставен објективен и реален систем на избор на проекти и критериуми и правила за реализација на истите, а наплатата на надоместокот за водно право согласно склучените спогодби со давателите на водните услуги не се врши со планираната динамика, констатирале ревизорите.

Министерството во 2020 година од средствата собрани како надоместок за производство на енергија од фосилни горива на девет општини им поделила 26 милиони денари наменски дотации, но четири од тие општини не доставиле програма бидејќи парите не им биле доволни за реализација на проектите, а нема основ тие да се префрлат во следната година. Ревизорите констатирале и дека Министерството нема назначено овластено лице за вршење надзор и нема целосна контрола на реализација на работите при исплатата на средства на општините од овој надоместок.

Неправилности има и во уплатата на надоместокот од регистрација на моторни возила и пловни објекти од кои во 2022 година се наплатиле околу 248 милиони денари, за кои ревизорите констатирале дека во евиденцијатата нема пари од регистрација на пловни објекти.

Со ненавремено издавање на решенија за плаќање на надоместокот за А-интегрирана еколошка дозвола Министерството било во минус околу три милиони денари, ревизорите констатирале и дека има компании што повеќе од пет години не добиле решение за плаќање на овој надомест. Има и ненаплатени побарувања од минати години во висина од девет милиони денари, од кои пет милиони се постари од три години, но за нив нема докази за навремено утужување.

Ревизорите советувале, за да се надмине состојбата и со несоодветно воспоставениот систем за наплата на надоместоците за поседување на А интегрирана еколошка дозвола, да се изработи и донесе Методологија по која единствено ќе се врши пресметување на надоместокот.