Во сесиите за учење на Едуино изминативе три месеци учествувале 23.000 наставници

Десетте нови наставници што станаат дел од ЕДУИНО Амбасадори на Меѓународниот ден на наставникот. Илустрација: СмартАп

Над 23.000 учесници присуствувале на сесиите реализирани преку платформата за учење Едуино во текот на изминативе три месеци. УНИЦЕФ, Бирото за развој на образованието и Смарт Ап поддржаа единаесет вебинари за зајакнување на капацитетите на наставниците, воспитувачите и другите практичари во образованието, на теми поврзани со примена на иновативни методи на настава со фокус на дигитални алатки и дигитално учење.

Со размена на сознанија за најдобрите практики, теми на вебинарите беа формативно оценување во услови на хибридна настава, презентација на моделот „превртена училница“, подготовка на интерактивна и асинхрона настава, креативно учење преку игра и користење на дизајнерски приоди како метод на настава.

„Наставниците се движечката сила зад закрепнувањето на образованието од ковид-19. Затоа тие мора да одржуваат чекор со новите случувања во образованието, да изградат капацитет за прилагодување и да иновираат под отежнати услови, како и да добијат пристап до ресурси за стручно усовршување“, изјави Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.

Покрај зајакнувањето на можностите за стручно усовршување преку вебинари, онлајн курсеви и конкурси за групно предлагање на решенија (краудсорсинг), тековната програма Едуино опфаќа и финализирање на национална библиотека со видео-лекции, изработка на национална збирка на учебни материјали што ќе служи како едношалтерски систем за дигитални материјали, проширување на конкурсот Едуино Gameathon и зголемување на групата и програмата на Едуино амбасадори.