fbpx

Во Македонија сол се јаде двојно повеќе од дозволеното, ИЈЗ излезе со нови препораки

Преку мостри ќе испитуваме колку сол има во пекарски производи, во месни преработки и во млечни ферментирани производи (сирења, кашкавали). Ова за прв пат ќе го правиме во јавно-здравствени цели за да видиме каква е реалната ситуација, а потоа ќе зборуваме за мерки, вели проф. д-р Игор Спироски

-

Светската здравствена организација (СОЗ) препорачува дневен внес на сол во организмот не повеќе од 5 грама на ден, а во Северна Македонија просечен дневен внес на ден е 12,1 грам, соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Оттаму даваат перпораки по повод Неделата за подигнувањето на свесноста за солта.

„Овогодинешната тема на Неделата за подигнување на свесноста за солта е „Време е да се сврти вниманието на солта”, при што се истакнува прашањето за „скриената” сол (натриум) во многу преработени и ултра-преработени производи. Во многу земји, три четвртини од натриумот во исхраната доаѓа од ултра-преработена и преработена храна, како што се леб, сосови и преливи, крекери и колачиња, готови оброци, преработки од месо и сирења. Институтот за јавно здравје, како „чувар на Вашето здравје”, ви препорачува да го ограничите внесот на солта на 5 или помалку од 5 грама дневно“, наведено е во објавата на ИЈЗ.

Пред две години, Мета пишуваше за презентацијата на проф. д-р Игор Спироски од Институтот за јавно здравје, кој направи Програма со акциски план за намалување за внесот на сол преку исхраната во Северна Македонија (2023-2027). Но, оваа програма не е реализирана во изминативе две години.

„Сепак, во националната годишна програма на ИЈЗ, успеавме да внесеме неколку активности кои ќе ги правиме годинава. Преку мостри ќе испитуваме состојба и количина на сол во пекарски производи, во месни преработки и во млечни ферментирани производи (сирења, кашкавали). Ова за прв пат ќе го правиме во јавно-здравствени цели за да видиме каква е реалната ситуација, а потоа можеме да зборуваме за мерки“, вели д-р Спироски.

Високи количества сол има во лебот, сирењето и во месните преработки. Јадењето премногу сол го покачува крвниот притисок, кој е глаевн предизвикувач на мозочни и срцеви удари кои се причина за најголем број умирања и инвалидитет во светот. Намалувањето на внесот на сол во светски рамки би спасило милиони животи секоја година и сите земји би требало да работат во насока на намалување на внесот на сол.

Солта е важен зачин и најзначајниот извор на натриум. Еден грам сол содржи 0,4 грама натриум. Високо преработената храна со големи количества на сол, шеќер и масти има растечко влијание врз внесот на сол, односно 75 до 80 отсто од солта во исхраната влегува преку преработената храна. Ако се намали внесот на сол, тоа може значајно да влијае врз намалување на морбидитетот и морталитетот.

На листата на просечен популациски внес на сол во државите на Европскиот регион на СЗО, од вкупно 53 земји, ние сме на високото седмо место.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

По една ѕвезда на Широк сокак за лауреатите на Златна Камера 300 за животно дело

На годинашното јубилејно 45. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ по прв пат на Широк сокак во Битола, ќе бидат откриени ѕвезди на сите досегашни добитници...