Фото: Арбнора Мемети

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава изнесува 1.314, a има колку 130 празни болнички кревети во ковид центрите, информира Министерството за здравство и додава дека, бројките се менуваат постојано, зависно од исписи на оздравени пациенти, со што ќе се ослободат дополнителни легла.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализрани 43 нови пациенти поради компликации од корона вирусот, а вкупно 478 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 30 оздравени пациенти.

По градови, пријавено е дека во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава се на лекување вкупно 836 пациенти, позитивни и суспектни на корона вирусот. Според извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во Битола се хоспитализирани 65 пациенти, во Штип 57, на инфективното одделение во Тетово има 47 пациенти, во Велес 64 болни, а во Куманово 119 пациенти. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 110 пациенти, во Прилеп 115, во Гостивар 59, а во Струга 29 болни. Во болницата во Струмица лежи 81 пациент, во Кочани 18, во Кичево 20, Кавадарци 39, а во Гевгелија 13 лица позитивни на корона вирусот.

Од Министерството за здравство соопштија и дека министерот за здравство Венко Филипче утрово се сретнал со директорите на ковид центрите од комплексот клиники „Мајка Тереза“, за да се разгледа состојбата со пополнетоста на капацитетите и динамиката на отворање на нови оддeленија.

„Во моментов, Интерните клиники располагаат со околу 190 болнички кревети со довод на кислород. Иако пополнетоста на капацитетите е висока, постојано се прават исписи на пациенти и слободни места има. Во текот на денешниот ден ќе се отвори и ковид центарот на Клиниката за уво, нос и грло, каде ќе можат да се сместат дополнително 50 болни. Остануваат на располагање и капацитетите во делот од хируршките клиники, кои по потреба ќе бидат отворени во наредните неколку дена“, соопштија од ова министерство.

Вкупно во комплексот клиники „Мајка Тереза“ има околу 350 кревети за ковид пациенти распоредени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и на Интерните клиники- за дерматовенерологија, за очни болести, за нефрологија, за гастроентерохепатологија и Клиниката за неврологија, како и на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ. Дополнителни 110 кревети има во ГОБ „8 Септември“ и 40 на Институтот за белодробни заболувања во Козле.