Фото: Ковид-19 пациент на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби | Автор: Арбнора Мемети

Министерството за здравство соопшти дека вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 671 и дека има околу 400 празни болнички кревети во ковид центрите.

Од вкупниот број, 248 пациенти се лекуваат во главниот град, а останатите 423 во ковид болниците низ земјава.

Министерот за здравство, Венко Филипче денеска соопшти дека има зголемување на бројот на пациенти заболени од ковид-19 и дека еден дел од зголемувањето се должи на британскиот сој, бидејќи тој полесно се пренесува.

По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 31 пациент позитивен и суспектен на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 38 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 21 пациент, во Велес се лекуваат 31 болен, а во Куманово 57 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 55 пациенти, во Прилеп 67, во ковид центарот во Гостивар 6, а во Струга 18 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 23 пациенти, во Кочани 6, во Кичево 8, Кавадарци 40, во Гевгелија 9 лица, а во Дебар 13 позитивни и суспектни на корона вирусот.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализрани 24 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Во последното деноноќие, на интерните клиники имало 5 приеми. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 8 нови приеми на пациенти и 9 на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле биле примени 2 пациенти.

„Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 90 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места“ велат од Министерството за здравство.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 26 оздравени пациенти.

Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 20 пациенти, на Клиниката за неврологија 15 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 29 пациенти со симптоми на корона вирусот.

Во ГОБ 8 Септември има вкупно 76 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 88 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 17 пациенти. На ГАК има 3 хоспитализирани ковид позитивни пациентки.