Автор: Арбнора Мемети

Имаме зголемување на бројот на пациенти заболени од ковид-19. Сè уште траат испитувањата во МАНУ, но вчера разговарав со претставници од лабораторијата во болницата „Жан Митрев“, каде што британскиот сој е присутен во 70 отсто, информираше пред малку министерот за здравство Венко Филипче. Тој заедно со генералниот извршен директор на Стопанска банка Диомидис Николетопулос и директорот на Здравствен дом Скопје, д-р Виктор Исјановски, денеска беа во посета на Поликлиниката Букурешт по повод донацијата од Стопанска банка за Здравствениот дом.

– Очигледно е дека бројот на заболени се зголемува и дека еден дел од зголемувањето се должи на британскиот сој, бидејќи тој полесно се пренесува. Зголемен е бројот на пациенти кои се хоспитализираат, но бројката не ги загрозува капацитетите на болничките кревети. Во однос на мерките, можно е да се заострат, но засега тоа нема да се случи. Тоа би се случило ако повторно се преоптоварат болничките капацитети, но засега нема таква индиција – рече Филипче.

Тој информира дека околу 180.000 граѓани се регистрирани во системот „Мој термин“ на возраст над 70 години и пациенти со хронични болести. Филипче кажа дека на „vakcinacija.mk“, се пријавиле 50.000 од нив.

– Битно е тоа што е висок процентот на здравствени работници кои покажаа интерес да се вакцинираат. Ние сме задоволни и од одѕивот и од начинот на кој се изведува вакцинацијата. Планираме кампањи, повици преку матичните лекари за населението да се вакцинира – додаде министерот.