Во духот на младинското учество се затвори Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција

Фото: USAID

На 21 септември 2022 година, беше организиран настан за официјално затворање на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, имплементиран од Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) во соработка со Младински образовен форум (МОФ). Затворањето симболично се одржа денеска на Меѓународниот ден на мирот, кој има посебно значење за Проектот и секоја година беше одбележуван со бројни ученички активности.

За време на настанот, преку младинска дискусија и забавна програма, се претставија
достигнувањата во рамки на Проектот, ставајќи посебен акцент на гласот на младите и поддржување на нивните идеи и иницијативи за позитивни промени. Меѓу присутните беа ученици, наставници и претставници од училишта, општини, релевантни институции и меѓународни организации. На настанот се обратија Љуљзим Алиу, заменик-министер за образование и наука и Ерик Мејер, заменик шеф на Мисијата во Амбасадата на САД во Скопје, кои ја истакнаа важноста од унапредување на социјалната инклузија, меѓуетничката хармонија и граѓанските вредности како и потребата од континуирана посветеност кон вклучување на младите во процесите за донесување одлуки.

Во изминатите пет и пол години, Проектот работеше со образовните институции како и сите основни и средни училишта и општини низ државата за зајакнување на меѓуетничката кохезија во училиштата, граѓанското образование и младинското учество, опфаќајќи над 400.000 ученици, наставници, училиштен персонал и родители.

Преку повеќе од 5.000 активности на ниво на училиштата и локалните заедници се создаваа можности за интеракција помеѓу учениците од различни етнички заедници и се поттикнуваа нивната креативност и младинско учество. Голем дел од овие активности произлегоа од стратегиите и акциските планови за меѓуетничка интеграција и младинско учество кои беа развиени и донесени од страна на 45 општини.