Владата утре ќе ја преиспита одлуката за спојување на концесиите за Иловица-Штука

По големиот граѓански протест што се одржа викендов во Струмица, но и по изјавите од тројца министри дека се изиграни при гласањето, Владата ќе ја преиспита одлуката дали ќе одобри спојување на концесиите

Од протестот против Еуромакс Рисорсис. Фото: Митко Ников. Објавено со специјална дозвола за Мета.мк

Одлуката за спојување на концесиите за рудникот за злато и бакар Иловица-Штука повторно ќе се најде на седница на Владата. По големиот граѓански протест што се одржа викендов во Струмица, но и по изјавите од тројца министри дека се изиграни при гласањето, Владата ќе ја преиспита одлуката дали ќе одобри спојување на концесиите.

Точката за рудникот ќе се разгледува на утрешната седница на Владата, а надлежниот министер за економија Крешник Бектеши ќе треба детално да им образложи на колегите кои се барањата на најновата пресуда на Управниот суд.

„На утрешната седница очекуваме опширна информација од страна на министерот за економија и од вработените во правниот сектор каде што се доделуваат концесиите. Очекуваме образложение за сите судски одлуки и дополнителни документи што ги имаат издадено за да ја преиспитаме одлуката за спојувањето на концесиите“, изјави министерката за труд и социјала Јованка Тренчевска.

Таа посочи дека Владата има консензус околу генералните политики и важноста на земјоделството за државата, но и дека партија од која доаѓа е против отворање на рудникот. Претходно, и министерката за животна средина Каја Шукова изјави дека нејзиниот личен став е идентичен со барањата на жителите на струмичката котлина, кои веќе седум години за залагаат за бришење на концесиите и се против отворање на рудник на плодно земјоделско земјиште.