Владата на САД се соочува со тужби од ТикТок и корисници на WeChat

Тик Ток и WeChat
Доналд Трамп издаде извршнa наредбa со коja ќе ги забрани „ТикТок“ и „WeChat“ доколку истите не бидат продадени во САД

ТикТок ја тужеше администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп поради извршната наредба која ѝ забранува трансакции со матичната компанија “БајтДенс”. Во соопштението до медиумите, се вели дека „администрацијата ги игнорираше нашите широки напори за решавање на прашањето, кои ги водевме целосно и со добра волја“. Понатаму, од ТикТок велат: „Не ја тужиме владата лесно, но сметаме дека немаме друг избор освен да преземеме мерки за да ги заштитиме нашите права и правата на нашата заедница и вработените“.

Во тужбата се наведува дека наредбата на претседателот не нуди докази со што би биле поддржани тврдењата дека ТикТок претставува закана за националната безбедност.  Исто така, се наведува дека Донал Трамп ја игнорирал соработката на ТикТок со Комитетот за странски инвестиции на САД (CFIUS), кој ги разгледувал спојувањата како што беше аквизицијата на апликацијата Musical.ly од страна на „БајтДенс“ во ноември 2017 година. Оваа апликација подоцна беше споена со ТикТок како единствена видео платформа.

Во соопштението ТикТок вели и дека „независните експерти за национална безбедност и информации ја критикуваа политичката природа на извршната наредба и изразија сомнеж во однос на тоа дали наведената загриженост за националната безбедност е искрена“.

Компанијата „Мајкрософт“ покажа интерес за купување на американскито дел од ТикТок уште пред да биде објавена извршната наредба, а санцкиите на Трамп ги зголемија притисоците за продажба. Сè уште не е познато до каде се преговорите помеѓу двете компании. Покрај оваа американска компанија, интерес за купување на видео платформата искажаа и „Твитер“ и „Оракл“.

Трамп ја санцкионираше БајтДенс на 6 август годинава, што претставуваше ескалација на тензиите кои се чувствуваа со месеци наназад. Со истата наредба беше забранета  уште една апликација, WeChat, на кинескиот гигант “Тенсент”. Група корисници на WeChat исто така ја тужеа администрацијата на Трамп поради извршната наредба.