ТикТок ќе соработува со властите во САД во борбата против дезинформации за изборите

ТикТок
ТикТок/ фото: lenahelfinger на Pixabay

За да ги зајакне напорите за отстранување на штетните и измамнички содржини од својата платформа, ТикТок најави три нови мерки за борба против дезинформациите и другите содржини кои можат да ги нарушат изборите во САД, а кои е предвидено да се одржат во ноември годинава. Мерките вклучуваат подобрување на политиките за дезинформации, нови опции за пријавување на штетни содржини и проверка на факти, како и справување со надворешно мешање во апликацијата.

На својот блог за вести, генералниот менаџер на ТикТок, Ванеса Папас, најави проширена соработка за проверка на факти со цел подобро препознавање на дезинформациите како и воведување на посебна опција каде ќе можат да бидат пријавувани дезинформациите кои се однесуваат на претседателските избори. Промените на видео-платформата вклучуваат и соработка со американски државни институции.

„Работиме со екперти вклучувајќи го Министерството за внатрешна безбедност на САД за да се заштитиме од странското влијание на нашата платформа. Додека ТикТок не е апликација за следење вести или политика, ние сме фокусирани на поддршка на нашите корисници преку едукација и веродостојни информации за важни јавни прашања“, стои во известувањето.

Во соработка со Единицата за борба против надворешно влијание (CFITF), која е дел од Министерството за внатрешна безбедност, ТикТок ќе помага во запирање на заканата и опасностите од надворешно влијание и мешање во изборите.

ТикТок
ТикТок/ фото: visuals на Unsplash

Помеѓу новите партнери на ТикТок е и Националната асоцијација за медиумска писменост (NAMLE) со која на платформата ќе бидат презентирани веродостојни информации поврзани со ковид-19.

„Воведуваме политика која забранува синтетичка или манипулативна содржина што ги доведува во заблуда корисниците преку искривување на вистината за настаните на начин кој може да предизвика штета“, додаваат од ТикТок.

Новите упатства и услови за користење ќе важат за сите кои користат ТикТок и за сите содржини што корисниците ги објавуваат. Политиките ќе бидат спроведени со помош на технолошки и човечки ресурси, со што ќе бидат отстранувани содржини како дезинформации и теории на заговор, а ќе се затвораат и лажни профили.

ТикТок најавува дека на апликацијата нема да бидат прифатени политички реклами, бидејќи „таквите реклами не одговараат на искуството што корисниците го имаат со ТикТок“.

Во соопштението се наведува и дека во ТикТок се посветени на транспарентноста при спроведување на политиките и заштитата на платформата.

„Со нашиот центар за транспарентност и одговорност кој сега е достапен за виртуелни тури, како и објавувањето на редовни извештаи за транспарентност и нашата нова веб-страна за транспарентност, имаме за цел да им дадеме на корисниците, законодавците и екпертите целосен увид во тоа како ние работиме и го чуваме ТикТок безбеден“, се додава во соопштението.

Промените во политиките и условите за користење на платформата доаѓаат во период кога ТикТок се соочува со обвинувања за нарушување на безбедноста и приватноста на корисниците, како и со опасноста од забрана на апликацијата во САД.