Фото: Dimitri Karastelev на Unsplash

Владата на денешната 16. редовна седница ја разгледа информацијата за имплементацијата на Рамковниот договор за јавна набавка на лекот „ремдесивир“ прифатен во терапијата на ковид-19, со постапка за набавка преку Договорот за заеднички набавки склучен со Европската комисија и обезбедување на финансиски средства, информираат од таму.

Воедно, Владата донела заклучок да го задолжи министерот за здравство да го потпише и имплементира Посебниот договор за јавна набавка на лекот „ремдесивир“ согласно обврските преземени од Рамковниот договор за јавна набавка на лекот „ремдесивир“, доделен со постапка за набавка преку Договорот за заеднички набавки склучен со Европската комисија.

„Со вториот заклучок во врска со оваа информација Владата го задолжи Министерството за финансии да обезбеди во рамките на буџетот на Министерството за здравство за 2020 година, дополнителни 13.500.000 денари, за плаќање на лекот за месец октомври, додека останатите средства во износ од 67.500.000 денари, за исплата по сукцесивна испорака на овој лек за период од пет месеци, да се предвидат и обезбедат во буџетот на Министерството за здравство за 2021 година,“ се вели во соопштението на Влада.