fbpx

Владата без критериуми исплатила речиси 100 милиони евра за справување со ковид-19 кризата

Дури откако започнала ревизијата, со заклучок на Владата на РСМ биле задолжени примателите на средства да достават извештај за искористените средства од потпрограмата

-

Речиси 100 милиони евра од страна на Владата преку потпрограмата Мерки за справување со ковид-19 кризата, во 2021 година биле исплатени без утврдени критериуми во однос на избор на институции и износот на одобрените неповратни финансиски средства, при што 33 отсто од примателите на средствата немаат доставено извештај за реализираните активности до Владата.

За потпрограмата П1 – Мерки за справување со ковид – 19 кризата, од државниот буџет за 2021 година биле предвидени над 275,6 милиони евра, а преку разделот на Владата биле реализирани средства во висина од околу 158 милиони евра, и тоа за поддршка на деловните субјекти и граѓаните за заштита на ликвидноста на стопанството, заштита на работните места и водење грижа за ранливите категории на население, се наведува во Конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност за 2021 година на Владата на РСМ, сметка на основен буџет (637).

Со владини одлуки преку оваа програма, исплатени се средства од речиси 100 милиони евра за обезбедување на дополнителни количини електрична енергија за справување со кризната состојба во снабдување со електрична енергија, за регулирање на стари и заостанати долгови на две комунални претпријатија кон АД Водостопанство на Република Северна Македонија и за регулирање на даночни обврски, потоа за реализација на Проект за изготвување на електронски картички за патнички моторни возила на туристи од Република Србија кои би транзитирале на Коридор 10 за време на летната сезона, за помош за исплата на плати и друга финансиска поддршка.

Ревизорите критикуваат дека по извршениот увид на одлуките и документацијата во врска со исплатите на парите преку оваа програма констатирале дека Владата нема овластено лице кое ќе биде задолжено за следење на реализацијата на доделените средства.

Примателите на средствата биле обврзани до владата да достават извештај на реализирани активности, но од 16 приматели на средства, ваков извештај доставиле само пет приматели, односно за 66,5 милиони евра или за 67 отсто од исплатените средства, поради што ревизијата не може да ја потврди наменската и законската искористеност на исплатените средства за кои не се доставени извештаи.

Дури откако започнала ревизијата, со заклучок на Владата на РСМ биле задолжени примателите на средства да достават извештај за искористените средства од потпрограмата.

„Финансиските средства се доделени без утврдени критериуми во однос на избор на институции кои ќе бидат приматели на средствата и во однос на износот на одобрените неповратни финансиски средства“, се наведува во Ревизорскиот извештај.

Исто така, ревизорите констатирале дека основот за доделување на средствата од оваа потпрограма кај дел од одлуките не соодветствува со основната цел на финансиска поддршка во услови на пандемија.

„Во дел од одлуките за одобрување на средства предвидени се средства во вкупен износ од 1.348.000 илјади денари како капитални расходи -вложувања и нефинансиски средства, но истите се исплатени на три акционерски друштва и тоа за обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија, за регулирање на стари и заостанати долгови и за исплати на плати“, стои во Извештајот на ДЗР.

На ревизијата не ѝ била доставена документација дека друштвата имаат извршено докапитализација, односно зголемување на вложувањата за износот на исплатените средства од страна на Владата и во одлуките не биле предвидени одредби за контрола во институциите приматели на средствата на намените за кои се искористени средствата.

„Ваквиот начин на распределба на средствата без критериуми за износот на одобрените средства по одделни институции, не доставени извештаи за искористеност на средствата, непредвидени контроли, како и несоодветно планирање на видот на расходите, создава нееднаков третман помеѓу институциите, ризик од користење на финансиската поддршка за други намени, што не е во согласност со целите на Владината потпрограма П1 – Мерки за справување со КОВИД-19 кризата и влијае врз реалноста и објективноста на податоците искажани во финансиските извештаи“, утврдиле ревизорите.

Тие воедно констатирале дека државниот буџет за период од 2018 до 2022 година, е зголемен за 5 пати, како резултат на воведувањето на П1 програмата Мерки за справување со ковид-19 кризата. Учеството на оваа програма во вкупната
реализација на буџетот на Владата била над 75 отсто од вкупните реализирани средства.

Ревизијата смета дека, имајќи го предвид обемот на надлежностите, големината на буџетот, организациона структура, кадровската екипираност на Владата и обврската за континуиран мониторинг и контрола над законското користење на доделените средства за справување со кризата и други антикризни мерки, поставеноста на внатрешните контроли, потребно е да се преиспита ваквиот начин на „буџетирање“ односно планирање и реализацијата на овие средства во најголем дел преку разделот на Влада, со алоцирање на овие средства во буџетите на одделните институции согласно законските надлежности кои ги врши секоја одделно.

Државниот завод за ревизија во Извештајот дава препораки до владата, и тоа за: овластување на лице во Владата кое ќе ја следи реализацијата на доделените средства, за обезбедување извештаи за искористеност на доделените средства од примателите на средствата, како и за распределба на средствата од програмите со утврдени критериуми за избор на институциите кои ќе бидат поддржани, заради транспарентен избор и еднаков третман на сите институции, како и критериуми за висината на средствата кои ќе се доделат на секоја институција.

Ревизорите ѝ препорачуваат на Владата и да изврши контроли кај субјектите приматели на средствата согласно законските и договорните одредби, како и на евидентирањето на исплатените средства согласно планираната намена на истите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Матура ќе се полага вo училишни холови, за да не се случи тестаторот да го нема, а учениците да прават селфи

Oколу 600 матуранти од средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ викендов полагаа пробна државна матура. Тие пишуваа есеј кој е задолжителен дел од испитот по мајчин јазик, а импровизираното полагање...