Фото: Mufid Majnun on Unsplash

Министерството за здравство соопшти дека денешната вкупна бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1040 и има околу 370 празни болнички кревети во ковид центрите.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 604 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 60 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 37 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 20 пациенти, во Велес се лекуваат 47 болни, а во Куманово 100 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 75 пациенти, во Прилеп 96, во ковид центарот во Гостивар 28, а во Струга 19 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 29 пациенти, во Кочани 7 во Кичево 7, Кавадарци 64, а во Гевгелија 15 лица, позитивни и суспектни на корона вирусот.

Во главниот град, каде има зголемен број на пациенти кои имаат потреба од хоспитализација, на инфективните оддели во болниците вкупно се лекуваат 436 пациенти потврдени и сомнителени за ковид-19, од кои голем дел се на кислородна поддршка.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје е хоспитализран 31 нов пациент поради компликации од корона вирусот. Во последното деноноќие, на Интерните клиники имало 23 приеми. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 6 примени пациенти и 2 биле примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле не биле примени нови пациенти.

„Бројот на приеми во изминативе денови е зголемен и утрово до 8 часот имало 50 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места“ велат од Министерството за здравство.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 28 оздравени пациенти.

Во моментов во ковид центрите на Интерните клиники се лекуваат 199 пациенти. Во ГОБ 8 Септември има вкупно 73 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежи 131 пациент, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 29 пациенти. На ГАК има 4 хоспитализирани ковид позитивни пациентки.