Вистиномер: Нема лекари во државното здравство што работат за 250 евра плата

Извор: Фејсбук профил на Министерство за здравство

„Вистиномер“ рецензираше Фејсбук-пост со тврдење дека во земјава некои лекари земаат плата од 250 евра и утврди дека нема такво нешто. Рецензијата подолу ја пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објава на Фејсбук во кој е споделен текст со наслов ,,Само во Македонија: Пекар со плата од 600 евра, а лекар со 250 евра”.

Во самата содржина на текстот лекарите не се споменати ниту еднаш, односно на ниеден начин не е поткрепена информацијата дадена во насловот на текстот дека има такви меѓу нив што земаат плата од 250 евра. Таа информација е само дадена во насловот и спомената е еднаш.

„Вистиномер“ се обрати до првиот човек на Министерството за здравство, од каде што ни рекоа дека во државното здравство нема ниту еден лекар кој работи за 250 евра односно за 15.500 денари.

Во државното здравство нема лекар чија плата е 250 евра. Надоместот на стажантите е 30 илјади денари, рече за „Вистиномер“ министерот за здравство Венко Филипче.

Доктор Ненад Лазаров, претседател на Асоцијација на специјализанти и млади лекари, исто така, негираше дека во земјава лекари работат за 250 евра.

Државата одреди државен просек за млад општ лекар и тој е околу 26 илјади денари, потврди д-р Лазаров за „Вистиномер“.

Доктор Иле Кузмановски, од Здружението на специјализанти, исто така за „Вистиномер“, ја негираше оваа информација.

Не, во државното здравство нема лекар со толку ниска плата. Сите земаат подобри плати од тоа, рече д-р Кузмановски.

Оттука оценуваме дека информацијата изнесена во насловот на текстот кој го рецензираме е неточна, иако е лесно проверлива. Во земјава платите на лекарите не се движат во опсегот на 250 евра. Во Клинички центар „Мајка Тереза“, односно државна болница, според нашите неофицијални информации, основната нето плата на лекарот е барем околу 55 илјади денари, меѓутоа ова не значи дека ваква плата земаат сите лекари. Лекарите со повеќе дежурства заработуваат и многу повеќе, но и работат подолг број часови, пишува „Вистиномер“.