fbpx

Вистиномер: Јавноста верува во теории на заговор затоа што нема доверба во институциите

-

На социјалните мрежи „врие“ од дезинформации и теории на заговор кои потоа вирално се шират. Кемтрејлс, чипови во вакцини и ПЦР тестови, „демонот“ Бил Гејтс, 5Г, се само дел од наративот на засилената антиваксерска кампања која на социјалните мрежи предизвикува сè поголемо внимание и заинтересираност.  Според анализата на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ и Претседателскиот центар за политичко образование, појавата, актуелноста и верувањето во теориите на заговор се резултат на високото ниво на недоверба кое граѓаните го имаат во демократските институции, пишува Вистиномер.мк.

 

Не, авионите не нè прскаат со коронавирус

Иако, теорија на заговор дека „од небо нè запрашуваат со вирусот“ е заснована на дезинформации и постојат докази кои го побиваат оваа тврдење, сепак во него веруваат речиси половина од граѓаните, односно 46 отсто. Ова го покажува најновото истражување на јавното мислење (стр.21) кое го спроведе Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ во соработка со Претседателскиот центар за политичко образование (ПЦПО), според кое јасно се гледа дека јавноста е склона да верува во теории на заговор, особено во оние кои се поврзани со коронавирусот.

Анкетата, исто така, покажува дека граѓаните веруваат и во многу други теории на заговор. Па така 72  отсто од испитаниците сметаат дека светот го водат неколку моќни семејства, 65 отсто мислат дека ковид-19 е креиран во лабораторија за да се контролираат луѓето, 46 отсто веруваат дека климата се контролира со сателити и радари, 44 отсто се убедени дека се запишани повеќе мртви од ковид-19 бидејќи Министерството за здравство давало пари, 29 отсто мислат дека климатските промени се измислица, а 57 отсто од граѓаните сметаат дека големите медиуми шират лаги.

Новинарите на „Вистиномер“ секојдневно се среќаваат и ги дебанкираат ваквите и слични теории на заговор и дезинформации кои се објавуваат на социјалните мрежи и потоа вирално се шират. Кемтрејлсчипови во вакцини и ПЦР тестови, „демонот“ Бил Гејтс5Г, се само дел од наративот на засилената антиваксерска кампања која на социјалните мрежи предизвикува сè поголемо внимание и заинтересираност.

Според анализата на ИДСЦС и ПЦПО, појавата, актуелноста и верувањето во теориите на заговор се резултат на високото ниво на недоверба кое граѓаните го имаат во демократските институции.

Високото ниво на недоверба во демократските институции и правилата на игра влијае и врз зголемувањето на ранливоста кон теориите на заговор, коишто се сè поприсутни на глобално ниво. Сè поголемата тенденција на верување во теориите на заговор укажува на потенцијална злоупотреба на ранливоста на граѓаните за политички придобивки од страна на популистички политичари, кои најчесто користат разгорувачка реторика за добивање политички поени, се вели во анализата.

 

 Балканот плодна почва за теориите на заговор

Оние коишто имаат нарушена доверба во институциите се едни од најподложните на теориите на заговор, се вели и во истражувањето „Сомнителниот вирус: заговорите и ковид-19 на Балканот“, кое во октомври минатата година го спроведе Советодавната група за јавна политика на Балканот и Европа (BiEPAG).

Во анализата е нотирано дека Балканот е плодна почва за теориите на заговор кои предизвикуваат поединци да ја отфрлаат науката, вакцините, го поткопуваат јавното здравство, ја намалуваат довербата во институциите и претставуваат закана за демократијата во регионот.

Споредбено, во Европа во теории на заговор во однос на коронавирусот верува една четвртина до една третина од населението, а во регионот на Западен Балкан повеќе од 75 отсто од испитаниците веруваат во една или во повеќе од шесте теории на заговор за коронавирусот – дека кинеската влада го создала  вирусот, дека фармацевтската индустрија е одговорна, дека постои врска меѓу 5Г технологијата и ковид-19, дека армијата на САД го развила вирусот, дека Бил Гејтс сака да ги „чипува“ луѓето преку вакцинирање против вирусот, дека ковид-19 „побегнал“ од кинеска лабораторија, стои во анализата.

Поддршката за теориите на заговор е значително поприсутна кај евроскептиците отколку меѓу поборниците за интеграција во ЕУ. Па така 60,6 отсто од оние кои се противат на членството во ЕУ имаат силни ставови во прилог на една од теориите на заговор, наспроти 48,9 отсто од оние кои се „за“ членство во ЕУ.

Во најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на државата во нејзиниот пат кон членство во Европската Унија, потенцирано е дека „постои растечки проблем со дезинформациите“.

Потребни се дополнителни напори за решавање на проблемите поврзани со дезинформациите и говорот на омраза, вклучително и на електронските медиуми. Борбата против дезинформациите и активностите поврзани со медиумската писменост во најголема мера се спроведуваат од граѓанското општество. Потребни се засилени напори и меѓуинституционална соработка од страната на органите, се вели во Извештајот.

Во Кусиот водич за теории на заговори што го објави Фондацијата „Метаморфозис“, се вели дека теориите на заговор претставуваат организирано и структурирано оддалечување од вистината, сеопфатно навлегување во заблуда, а некои дури и креираат сосема нови лажни наративи и служат како основа за нови циклуси на дезинформации со години, децении па и векови во иднина.

Посебно внимание заслужуваат оние теории на заговори што ги негираат непобитните научни факти врзани со здравјето на луѓето. Опасноста од климатските нарушувања и од инфективното заболување со новиот корона-вирус се најважни проблеми, а теориите на заговори кои нив ги негираат водат до зголемена сомничавост, несигурност, колебливост, двоумење, негирање, отпор, па дури и директно спротивставување кон мерките за нивно ублажување или решавање, се вели во водичот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.
ФИНКИ

ФИНКИ бара Владата да ги ослободи бараките на Техничкиот кампус, во спротивно најавува протести и штрајк

Најбројниот факултет во земјава – Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) бара од Владата решение за просторниот проблем со кој се соочува институцијата. Со повеќе од 5.000...