fbpx

Вистиномер: „Голманот“ Бујар Османи покажа дека концептот на ДУИ е застарен трик за гласови

-

Внимателна анализа на изјавите што може да се оценат како спинови во исказите на Бујар Османи, кој ја претставуваше програмата на ДУИ на Канал 5 во интервју, покажува дека ДУИ се залага наместо за унитарна граѓанска, за неефикасна унитарна бинационална држава, со примеси и на федерализам и со можност ДУИ да биде постојано во владата и во другите институции. Тоа е во ред како политичка понуда на една партија. Ама тоа треба јасно да им се каже на гласачите. Всушност концептот на ДУИ е застарен, а понудата Албанец премиер е трик за гласови, пишува „Вистиномер“ во својот нов Контраспин.

 

Во интервјуто со Бујар Османи од ДУИ на „Канал 5“ во емисијата „Само интервју“ од 02.07.2020, може да се детектираат повеќе спинови, кои ја појаснуваат кампањата на ДУИ и ја појаснуваат нивната понуда на предвремените избори што треба да се оддржат на 15-ти јули:

Спин: Премиер никогаш не бил Албанец. Тоа значи дека екслузивно се чува за една етничка заедница и тоа дава подреденост на друга етничка заедница (2.25 –Прв дел)

Контраспин: Прво, не е точно дека само Македонците биле премиери од 1991 до денеска. Хари Костов, на пример, беше кратко премиер, но е Влав. Второ, согласно Уставот во кој е вграден и Охридскиот рамковен договор, премиер може да биде секој на два генерални начина – ако освои тој или неговата партија 61 пратеник во Собранието или ако за тоа се постигне политички договор меѓу партиите што имаат пратеници и сакаат да стапат во коалиција за да состават влада. Значи точно, тоа е работа на политички договор и, се разбира дека Насер Зибери, така гледано, може да стане премиер, исто како што, на пример, Мухамед Зекири или Зијадин Села би можел да стане премиер. Но, спин е дека таа функција ексклузивно се чува за една етничка заедница или, пак, дека тоа значи подреденост на друга етничка заедница.

Спин: Ние сметаме дека ако сега стане АлбАнец премиер е знак дека РСМ станува европска држава во која што секој граѓанин во оваа држава има право да води, да избира и да биде избран …Сакам да објаснам теоретски, национализам, шовинизам…да барате да бидете рамноправни не е националистички концепт, бидејќи вие го претставивте, како, еве, ДУИ повторно се враќа на националистичкиот концепт. (4.09 – Прв дел)

Контраспин: Устав на РСМ: секој има право да бира и да биде избран – темелна вредност. РСМ е европска држава и според географијата и според тоа што е земја која, негувајќи европски вредности, ќе отпочне преговори за прием. За тоа, секако, заслужни се и почитувањето на телемните вредности на Уставот и на дел од законите што ги регулираат прашањата важни за заедниците во земјата што не се мнозинство.

 

СО АЛБАНЕЦ ПРЕМИЕР ДУИ СЕ ГРИЖИ И ЗА ДРУГИТЕ ЕТНИЧКИ ЗАЕДНИЦИ

Спин: Јас ви кажувам дека Албанците имаат шпицен кандидат и претендираат и на македонски гласови, а особено на гласовите на другите етнички заедници, кои што преку ова гледаат можност утре да биде премиер Турчин или, пак, Бошњак или, пак, Србин… (3.03 – Втор дел)

Контраспин: Аргументите дека нема потреба за такво нешто (грижата на ДУИ покрај за Албанците и за другите помали етнички заедници) и дека тоа е спин, се најмалку три момента:

Прво, граѓаните на оваа држава, кои се Македонци, во голем дел гласаа за Имер Селмани на претседателските избори во 2009 година, затоа што веруваа во тоа што го кажуваше човекот.

Второ, граѓаните на оваа држава, вклучително и огромен број Македонци гласаат/одобруваат коалициски влади во кои главен коалициски партнер е една или повеќе албански партии уште од од 1994, а во кои, како номинирани министри, заменици министри и директори на јавни препријатија се и Турци, Бошњаци, Власи, Срби, Роми итн, кои учествувале како коалициски партнери пред изборите на големите партии, било македонски, било албански.

И трето: ако толку се грижат Османи и ДУИ за другите етнички заедници кои не се Македонци или Албанци, зошто законот за јазиците е по содржина и пракса закон само за албанскиот јазик и зошто е направено тело што треба да ја контролира неговата примена во кое има директор и сите вработени само Албанци? Зошто, ако Османи и ДУИ се за граѓански концепт на современа европска мултинационална држава каква што е РСМ, немаат почит кон еднаква законска изедначеност и употреба на сите јазици што се зборуваат во РСМ, на целата територија? Тоа истото би важело и за химната и за задолжителното изучување на сите јазици, а не само на албанскиот – работи потенцирани во програмата на ДУИ.

 

ДУИ СЕ ЗАЛАГА ДА НЕМА КОНКУРЕНЦИЈА НА ПОЛИТИЧКАТА ПОНУДА

Спин: Ние цело време со години ги повикуваме Албанците, албанските политички фракции, бидејќи сите албански партии во опозиција се фракции од матичните партии, да се здружат во една голема партија, за Албанците да немаат повеќе од две партии, една во Влада една во опозиција (09.37 – Втор дел ).

Контраспин: Каква е таа граѓанска држава со европски вредности ако Османи и ДУИ го ограничуваат правото на избор на граѓаните, сведувајќи ги дека имаат право на избор само на две партии, било да се тоа во албаснкиот, македонскиот, турскиот, влашкиот, српскиот, ромскиот дел гласачкото тело на граѓаните во РСМ? Современ граѓански концепт со европски вредности е неограничување на понудата и конкуренција во сите области, вклучувајќи ја и политиката. Современ и демократски концепт е изборен модел со подеднакви шанси за избор за сите политички субјекти или независни кандидати за советници, градоначалници, пратеници или претседател на држава, а не ваков изборен модел каков што имаме и кој ги фавризира само големите партии!

 

ЕТНИЧКИ ПРЖИНСКИ ДОГОВОР!?

Спин: Пет заложби (на ДУИ-н.з.). Првата е држава на еднаквите и тука влегува консензуално одлучување во државни институции, односно претворање на Пржинскиот договор во етнички пржински договор…замислете колку ни треба нас како втора етничка заедница, гаранција со врзани етнички потписи…Тоа практично значи десетици институции од кои што зависи рамномерниот развој во оваа држава да имаат двајца управители со врзан потпис… (13.40 – Втор дел)

Контраспин: Етнички Пржински договор е повторно нешто што ги исклучува сите граѓани од РСМ од учество во власта, која и да е. Тоа директно води во авторитарна бинационална држава во практиката, во која само две политички партии (зашто во Пржинскиот договор беа 4, по две македонски и албански), што ќе освојат мнозинство и ќе состават влада, неограничено ќе управуваат со државата во сите сегменти – Судство, Собрание, Влада….Тоа е повторно спротивно на Уставот, во кој, преку вграден Охридски договор и принципот на Бадентерово мнозинство, РСМ е функционална современа европска држава со европски вредности.

 

ОСМАНИ НАМЕСТО ВИЦЕПРЕМИЕР БИЛ ГОЛМАН!

Спин: Прашајте што беше мојата функција во Влада овие три години – буквално голман. Секој ден да пазам да не помине некоја информација која што ќе ги оштети заедниците. Јас тоа го разбирам, тоа е инстинкт. Прво што мислите е на тие што ви се јавуваат цело време, на тие што ви прават притисок, на тие на кои што сте ветиле. (15.15 – Втор дел)

Контраспин: Тоа што Османи бил во улога на голман, тоа само покажува дека се грижел не за сите интереси на државта, туку само за правичната застапеност на ДУИ во Владата и институциите во државната администрација. Башка што „голманството“ на Османи, според извори на кои им веруваме во неговото министерство, одело дотаму што печатот на министерството го чувал заклучен во неговиот кабинет, така што било кој документ да треба да се завери или архивира, не можело да се стори тоа пред Османи да го провери и самиот да дозволи да се удри печат.

Но, уште поважно, тоа што Османи бил во улога на голман, покажува дека нема доверба во институциите на државата и во законите. Во современа европска демократија и во изборен резултат гарантиран од Уставот на РСМ, кога коалициските партнери ќе создадат мнозинство во Собранието и ќе ја поделат власта по сите основи, институциите се тие што треба да имаат надзор, тие да бидат голмани, а не Османи или кој било друг поединец.

 

ПРЕКУ НАЦИОНАЛНОТО ДУИ БАРА ГЛАС ПОВЕЌЕ

Финален спин: Најштетната работа за оваа држава е деетнизацијата на политичката сцена, бидејќи е прематурна, е прерана! Бидејќи тој концепт на деетнизација без да се канализираат сите етнички енергии, овие што ви ги збoрувам и се гледаат, ќе создаде една лажна слика дека се е во ред, едно лажно братство и единство какво што беше во Босна и во Југославија, во кои што нема кој да ги соочи секојдневните проблеми. Јас сметам дека најздраво за оваа држава е секој ден да се карамe во влада и на етничка основа. Јас да барам тројца да бидат во таа комисија, Турците да бараат еден и така да ја канализираме етничката енергија (Напомена: ова е изговорено при крај на емисијата и го нема на Јутјуб каналот на Канал 5. Цитатот е снимен директно од емисијата – з.а.).

Контраспин: Овие ставови на Османи и на ДУИ покажуваат дека тие се залагаат за застарен недемократски модел на државата, во која „племињата“ ќе избираат меѓу своите „племенски трибуни“, ама не повеќе од двајца за секое „племе“, како што објасни Османи за тоа колку вкупно партии требало да има во албанскиот блок, а де факто важи и за другите. Всушност, Османи и ДУИ, иако тоа никаде не го кажуваат со вистинското име, се залагаат за застарен концепт на неефикасна унитарна држава која во пракса ќе функционира како бинационална, па дури и со федеративни примеси (врзани потписи на десетици институции е само едниот доказ, химната и задолжителното изучување на албанскиот јазик се другите елементи). И сето тоа е во ред, но, само ако јасно им се предочи на избирачите, а не тие да се мамат дека станувало збор за натпартиски кандидат за премиер, работа што била над ДУИ, важна за сите Албанци и која Македонците и другите етнички заедници требало да ја поздрават и да речат „браво“ – ете ДУИ се грижи за државата (зборови на Османи во интервјуто).

Од сето ова може да се види дека, сепак, станува збор за враќање на национална реторика како главен програмски адут на ДУИ, која се истакнува како најважна во нивната програма и која доминира во јавноста, а сѐ со цел да се подобри рејтингот пред гласачкото тело кое почнаа да го губат на изборите во 2016 година, кога гласачите покажаа дека сакат конкуренција и, кога имаат доволно понуда, знаат да бираат.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Деновите од изборите ќе се одработат, учениците подолго ќе престојуваат во училиште

Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање - 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ...