Вистиномер: Британските научници не кажале дека вакцините не даваат имунитет

Фото: Мета.мк

Со намерно испуштање на клучни зборови и дополнителни информации, објавата ја доведува во заблуда јавноста дека вакцините не даваат никаков имунолошки одговор на ковид-19 и дека „џабе“ е вакцинирањето. Британските научници, предводени од шефот на Оксфордската група за вакцини Ендрју Полард никогаш не кажале дека вакцините не даваат имунититет и дека не треба да се аплицираат, туку, напротив, ја потенцираат нивната ефикасност, особено сега кога има масовно ширење на делта варијантата. Полард само предупредува дека вакцинираните може да бидат заразени со делта сојот со благи симтоми и да го шират вирусот, заради што на удар се токму невакцинираните и дека тоа е причината зашто не може да се постигне колективен имунитет, пишува „Вистиномер“.

Анализата подолу ја пренесуваме во целост:

Објава на Фејсбук манипулира со изјавата на шефот на Оксфордската група за вакцини Ендрју Полард пред британските пратеници, создавајќи погрешна слика во јавноста дека  вакцините се неефикасни и  не обезбедуваат никаква заштита од ковид-19. Со тендециозна интерпретација  и без дополнителни информации од британските научници, постот наведува на мислење дека вакцините не даваат никаков имунолошки одговор, што не е точно.

Џабе било бодењето, Филипче Менгелче, се слушамее!!! Британските научници признаа: Вакцините против ковид не даваат имунитет“, се вели во објавата и се споделува текст со ист наслов.

Ова тврдење се темели на обраќањето на еден од водечките истражувачи за создавање на вакцината „АстраЗенека“, Ендрју Полард, пред британските пратеници, на 10 август 2021 година, каде тој објаснува зошто колективниот имунитет е „митски“ (недостижен) со сегашната делта варијанта.

Она што е проблематично во објавата е што во неа никаде не е појаснето дека изјавата на британскиот епидемиолог се однесува исклучиво на вирулентниот делта сој и на постигнувањето на колективен имунитет, а не на неефикасност на вакцините или отсуство на каков било имунолошки одговор од вакцинацијата, што е сосема различно.

Полард само прецизира дека вакцините против ковид не го спречуваат ширењето на вирусот целосно и дека вакцинираните луѓе сè уште можат да се инфицираат и да го пренесат вирусот, што значи дека можат да го пренесат на невакцинираните и тоа да има фатален исход за нив.

Варијантата делта и натаму ќе ги инфицира луѓето кои се вакцинирани. Тоа значи дека секој што сè уште не е вакциниран, во одреден момент, ќе го сретне вирусот. Тоа можеби нема да биде овој или следниот месец, можеби следната година, но во одреден момент тие ќе се сретнат со вирусот и немаме ништо што ќе го спречи тој пренос, предупредува шефот на Окфордската група за вакцини.

Британските научници не рекле „џабе е боцкањето“ 

Меѓутоа, ниту Полард, ниту останатите британски научници не велат дека „џабе е боцкањето“, ниту дека вакцините воопшто не даваат имунитет, како што се тврди во објавата. Напротив, потврдуваат  дека луѓето кои се целосно вакцинирани се високо заштитени од тешка инфекција, хоспитализација и смрт предизвикана од вирусот.

Дури и ако нивоата на антитела од вакцина се намалат, нашите имунолошки системи веројатно ќе се сеќаваат на вакцинацијата со децении и ќе нудат степен на заштита ако се изложени на вирусот. Значи, во овој момент нема причина за паника. Ние не гледаме проблем со пробив на тешка болест, ја пренесува Guardian изјавата на Полард пред британските пратеници.

Објавата е во целосна спротивност со ставот на британските научници, кои апелираат луѓето да се вакцинираат и бараат пристап до вакцина за населението кое досега немало можност да прими барем една доза, а Полард инсистира дека „поентата на вакцинација не е да се спречат благите инфекции кај луѓето, туку да се спречи хоспитализација и смрт“.

Тој дури не се согласува со предлогот на секретарот за здравство, Саџид Јавид,  да им се даде трета или бустер доза на најранливите групи во Велика Британија. Смета дека е потребна анализа на податоците за да се оправда засилувањето со трета доза, бидејќи  вакцините сè уште обезбедуваат високо ниво на заштита од тешка болест и предлага овие бустери да се дадат на земјите каде населението нема примено ниту прва доза вакцина.

Многу повеќе луѓе ќе умрат, бидејќи никогаш немаа можност да добијат една доза. Не треба да брзаме со зајакнување на милиони луѓе, додека времето истекува за оние кои немаат ништо. Прво првата доза. Тоа е толку едноставно, велат Полард и Сет Беркли, главен извршен директор на Гави, Алијансата за вакцини, во статија објавена во Гардијан на 13 август годинава.

Притоа, авторите посочуваат дека само во Велика Британија се администрирани 87 милиони дози, спасувајќи повеќе од 84.000 животи. На глобално ниво, бројот на животи зачувани со вакцини се очекува да биде во милиони.

Пандемија на невакциираните

Здравствените експерти велат дека целосно вакцинирано лице кое добива ковид-19 нема да биде заразено многу долго и можеби нема да има шанса да го пренесе вирусот на друго лице. Високото ниво на вирус кај вакцинираните трае само 3-4 дена во споредба со невакцинирано лице кое би можело да биде заразно до 10 дена и да има тешки последици од болеста.

И директорката на ЦДЦ, д-р Рошел Валенски, предупредува дека новиот бран станува  „пандемија на невакцинираните“.

Нашата најголема загриженост е што ќе продолжиме да гледаме случаи што можеле да се  спречат, хоспитализации и, за жал, смрт меѓу невакцинираните, рече Валенски и ги повика луѓето на целосна вакцинација.

И нашето Министерство за здравство соопшти дека минатата недела нема ниту еден вакциниран меѓу починатите од ковид-19, како и дека 87,1% од новите случаи се невакцинирани.

Заради сите наведени факти, сметаме дека објавата што ја рецензираме е манипулативна и тенденциозна и не пренесува целосни информации за да се добие релевантна слика за состојбата со пандемијата, а особено за новиот бран на делта варијантата. Објавата ги наведува луѓето на погрешни заклучоци, кои нанесуваат штета на процесот на имунизацијата и спречувањето на ширењето на вирусот, пишува „Вистиномер“.