Ветувањето за град исчистен од ѓубре не се гледа на терен: Скопје, голема депонија ќе бидеш ти! [фото]

Фото: Мета.мк

Поминува осмиот месец од раководењето со градот на градоначалничката Данела Арсовска, а ветувањето за решавање на проблемот со дивите депонии во Скопје на терен не е исполнето. Арсовска во предизборието пред локалните избори лани вети дека во првите 82 дена ќе ги исчисти сите диви депонии на територијата на главниот град.

Откога измина овој период од 82 дена, таа на крајот од јануари годинава ретерираше во своето ветување, велејќи дека мапирале 120 диви депонии низ целиот град во пред изборите, а исчистиле над 150 во првите 82 дена. Арсовска во јануари вети дека дел од локациите е предвидено да прераснат во зелени површини, а за другите места вети редовен и вонреден инспекциски надзор за да се стави крај на фрлањето отпад кој-каде ќе стигне.

Мета.мк во јануари подготви репортажа од неколку локации во Скопје, а по шест месеци повторно бевме во обиколка на местата во главниот град коишто се препознатливи точки на кои се фрла отпад. Овој пат ги посетивме спортско-рекреативниот центар „Сарај“ и Езеро Треска во општина Сарај, несудениот парк кај кејот на Вардар во населбата Карпош 4 и локацијата кај Железничкиот мост во близина на Трубарево и Горно Лисиче.

На кејот на Вардар во населбата Карпош 4 забележавме дека на локацијата каде што треба да се гради парк, рампата за спречување на влез на возила е отворена и возила непречено влегуваат за да фрлаат отпад на ова место. Има вреќи со градежен шут, органски отпад и друго ѓубре коешто е расфрлено на местото на неизградениот парк покрај реката Вардар. Општина Карпош на оваа локација поставила информативна табла на која пишува дека е забрането фрлањето шут, но очигледно дека несовесните граѓани не го почитуваат ваквото известување.

На околу 100 метри подолу, местото каде што во јануари годинава забележавме расфрлан отпад, сега е исчистено и е оградено со столбови, со што Градот Скопје оневозможил трупање на отпад на оваа локација. Сепак, просторот спроти булеварот Илинден во Карпош 4 е огромен и неурбанизиран, а прекршителите на законот постојано наоѓаат друг правец за да го одвезат отпадот до локацијата каде што треба да се изгради паркот крај Вардар.

Исчистениот простор во Карпош 4 кој е ограден со столбови за да се спречи фрлање отпад; Фото: Мета.мк

Мета.мк обиколката ја продолжи и на територијата на Општина Сарај. Најпрво бевме во спортско-рекреативниот центар „Сарај“, во којшто нема расфрлан отпад и очигледно е дека редовно се одржува од екипите на скопските јавни претпријатија. Сепак, ова не важи и за коритото на реката Треска која што минува покрај овој парк, коешто е исполнето со разновиден отпад расфрлан од страната на селото Крушопек. Во речните води може да се пронајде разновиден отпад, а ѓубре има и во коритото од страната на спортско-рекреативниот центар „Сарај“, очигледно доведено од високиот водостој на реката од некои други диви депонии по патот.

Како и дел од другите локации, на 14 јуни го посетивме и просторот околу Езеро Треска во Сарај. Градот Скопје на 26 јануари годинава објави соопштение, во кое најави чистење на дива депонија на површина од 10.000 метри квадратни на овој простор. Неколку месеци подоцна, тука пронајдовме расфрлано ѓубре, од градежен шут до комунален отпад, на неколку локации околу овој спортско-рекреативен центар. Покрај разновиден отпад, на локацијата има и глутница од улични кучиња, кои го прават ова место опасно за движење.

На слична грда слика од Скопје наидовме на 16 јуни и на просторот кај реката Вардар, околу Железничкиот мост што се наоѓа на општинската граница меѓу Аеродром и Гази Баба. На 23 јануари годинава, Градот Скопје објави дека била исчистена дивата депонија од 2.000 метри квадратни во Горно Лисиче во близина на Железничкиот мост, при што на увид на исчистената локација беше и самата градоначалничка Данела Арсовска.

По земјениот пат од Горно Лисиче, екипата на Мета.мк беше до Железничкиот мост. Наместо бетонски барикади, поставени столбови или видео надзор, на терен наидовме на комбиња кои оваа траса ја користат за нелегално одлагање на отпад на самата локација. Целиот пат од населбата до Железничкиот мост е полн со ѓубре од двете страни, при што може да се пронајдат остатоци од мебел, градежен шут, ќеси со комунален отпад, мрши од угинати животни и разни други типови на отпад чие крајно место, по закон, треба да биде скопската депонија „Дрисла“.

Во исчистеното корито на реката Вардар пред Железничкиот мост веќе не се фрла отпад, но затоа пак се полни со ѓубре нерегулираното речно корито кон Трубарево и Долно Лисиче, по чија должина се наоѓаат земјени патишта, кои од двете страни се исполнети со најразличен отпад.

Од обиколката на дел од дивите депонии низ Скопје, може да се заклучи дека помпезните акции за чистење на ѓубрето од Градот Скопје во соработка со општините, не вродуваат со плод. Околу исчистените локации се појавуваат нови купишта ѓубре по само неколку месеци откако е спроведена акцијата, при што нелегално фрлениот отпад од несовесните граѓани се чисти на трошок на општинските буџети.

Мета.мк подолг период наназад пишува за дивите депонии низ Скопје и во неколку наврати веќе посочивме дека чистењето самото по себе не го решава овој проблем. На критичните локации, неопходно е да се постави видео надзор, при што камерите би ги снимале комбињата и камионите кои нелегално одлагаат отпад. Исто така, неопходно е да се постават бетонски бариери и столбови, со кои ќе се оневозможи движењето по земјените патишта до местата каде што досега се фрлаше ѓубрето. Недостигаат и долговетуваните дронови, со кои градските и општинските инспекциски служби ќе ги “ловат” од воздух загадувачите на животната средина.

Во периферните скопски населби (Лисиче, Сарај, Шуто Оризари, Бутел и други), ЈП „Комунална хигиена“ ќе мора да постави многу повеќе контејнери за фрлање отпад, но и редовно да го собира ѓубрето со истата зачестеност, со која што го прави тоа во урбанизираните делови од градот во општините Карпош, Центар и Аеродром. Покрај оние контејнери за домаќинствата, недостигаат контејнери со поголем габарит на критичните локации каде што во моментов се создаваат дивите депонии.

Доколку се спроведат сите овие мерки, заедно со акциите на редовно чистење на дивите депонии низ Скопје што веќе се спроведуваат, можеби главниот град во иднина ќе успее да го надмине општиот впечаток дека не може да се справи со управувањето на отпадот на својата територија.

Инаку, до Градот Скопје во два наврати минатата недела по електронска пошта испративме прашања за тоа колку диви депонии досега се исчистени и колкави средства се издвоени за оваа намена, на кој начин ќе се превенира веќе исчистените локации да не се трупаат со нов отпад и до каде е изработката на ветената мапа со исчистените диви депонии во Скопје. Одговори од Градот Скопје на поставените прашања Мета.мк не доби.

 

Пишува: Бојан Блажевски