Раководството на град Скопје е подготвено уште утре да седне на заедничка маса со претседателот на Владата. Го повикуваме премиерот Мицкоски да го одреди датумот, местото, темите за разговор и форматот на состанокот, стои во последното соопштение од град Скопје, во врска со проблемите во кои тоне.
„Теми кои градот Скопје ќе ги предложи, а за кои сметаме дека треба да се изнајде решение е надминување на активната блокада во Советот од страна на советниците од владејачкото мнозинство, блокадата на претпријатијата од страна на управните одбори и изгласувањето на програмите за работа на јавните претпријатија. Воедно очекуваме и потврда за предлогот за формирање на заедничко работно тело помеѓу владата и градот Скопје. Се надеваме на искрен и партнерски пристап од страна на Владата, во корист на граѓаните“, наведено е во соопштението.
Ова следува откако вчера, премиерот Христијан Мицкоски, коментираше во однос на прашањето за одземањето на ингеренциите на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска во делот на јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“. Тој кажа дека има многу проблеми во процесот на управување со администрацијата во градот Скопје.
„Најголемиот дел од градоначалниците во градот Скопје и општините, се од ВМРО-ДПМНЕ. Тие излегоа, побараа, ние дадовме разумен рок градот конечно да се зафати со чистење, гледаме како градот се гуши во ѓубре, како имаме расипани автобуси на секој чекор, како 17 пати се менуваат директори по јавни претпријатија, улиците и булеварите се со дупки не се реконструираат, не се прави ништо. Ние мора да преземеме нешто бидејќи тие граѓани нам ни ја дале довербата и ние тоа мора да го оправдаме. Затоа во разумен рок очекувам градот конечно да почне да си ја работи работата. И ова нема никаква врска со политичките недоразбирања што ги имавме со градоначалничката Арсовска што еве после толку време јавноста може да види дека сите оние наши тврдења за коишто сме збореле се вистинити“, рече Мицкоски.