Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, на денешната прес-конференција, а во врска со изборот на нов директор на скопската Зоолошка градина, соопшти дека првиот чекор треба да го направи Управниот одбор на институцијата. На распишаниот оглас за директор на скопската ЗОО, институција која редовно ја тресат скандали во последниве години, се пријави единствено Ѓорги Галетановски, кој беше директор до 2021 година.
„Законот утврдува на кој начин се прави тоа, односно Управниот одбор е тој кој треба да го направи првиот чекор, пред документите да бидат доставени и разгледани во Градот, така што тоа го чекаме од Управниот одбор на институцијата“, рече денеска Арсовска одговарајќи на новинарско прашање кога ќе има одлука дали Галетановски ќе биде новиот директор на Зоолошката градина.
Но, во Управниот одбор на Зоолошката градина има само еден човек. Самата Арсовска не можела да не го знае ова, со оглед на тоа што од документот до кој дојде Мета.мк, јасно се гледа дека уште на 7 август 2024 година, двајца од вкупно тројца членови во УО на Зоолошка градина Скопје дале оставки поради неспојливост на функции. Оттаму, нејасно останува на кој Управен одбор мисли Арсовска, кога Градот Скопје е известен дека нема кворум за да работи, а двајцата кои веќе биле членови се распределени на други позиции од самата градоначалничка.
Според документот, членката на УО на Зоолошка градина, Розета Влаховиќ била именувана за в.д. директор на Јавна установа Детски дом „11-Октомври“ Скопје, а претседателот на УО, Јовица Никчевски, дал оставка оти бил именуван за в.д. директор на НУ Универзитетска библиотека „Климент Охридски“ – Скопје.
„Со оглед на фактот што остануваме без претседател и без еден член на Управниот одбор на установата, поради неспојливост на извршувањето на две функции во исто време, ве известуваме како надлежни за именување членови на управните одбори на јавните установи под надлежност на Град Скопје за новонастанатата ситуација“, се вели во дописот од ЗОО Скопје потпишан од в.д. директорот Зоран Поповски, и се додава дека „е потребно итно постапување како би се овозможило нормално функционирање на Установата“.
Но, и покрај тоа што оттогаш се поминати речиси две недели, нема Управен одбор кој може да ја разгледа апликацијата на Галетановски за нов директор на Зоолошката градина во Скопје, оти во Управниот одбор е останат единствено Бојан Ангеловски, кој исто така писмено се има обратено до Град Скопје за да ја извести Арсова дека нема кворум за да се разгледаат апликациите од конкурсот за нов директор на ЗОО Скопје.
Огласот за нов директор на ЗОО Скопје заврши на 14 август. Единствен пријавен на огласот е Ѓорги Галетановски, а јавноста даде голема поддршка кога тој обзнани дека има афинитет повторно да застане на чело на институцијата која во последниве години ја тресат голем број скандали.
Сите обиди на градоначалничката Арсовска да постави соодветен човек на оваа позиција не се покажаа како најуспешни. Угинаа голем број животни, а за многу од нив се криеше од јавноста.
По Галетановски, на негово место дојде Кристијан Стаменов, а тогаш изби скандалот што го објави Мета.мк – дека во дворот на Зоолошката градина се колат десетици коњи, добиени од Агенцијата за управување со одземен имот, и им се даваат како храна за животните. По ова, разрешен беше тогашниот директор Стаменов и поставен нов – Драган Илиевски. Дека неговото поставување е незаконско се изјасни Државната комисија за спречување на корупцијата, бидејќи, според антикорупционерите, Арсовска именувала лице кое не било вработено во оваа јавна установа што е спротивно на чл. 31 од Законот за култура, кој предвидува именување на в.д. директори од редот на вработените во тие установи и со мандат од само 6 месеци. Потоа, за само една година, на ова место беше поставен нов директор – Зоран Попов, кој веќе има три мандати како в.д. директор.
Дали Галетановски повторно ќе биде директор на ЗОО – тој е единствен пријавен на конкурсот