Вечерва во престижната „Кунстхале Виена“ се отвора изложбата од солидарната колекција на МСУ

Од вкупната уметничката колекција на МСУ, која содржи над 5.500 дела, во Виена ќе бидат изложени 94 дела и околу 50 дела од современите уметници вклучени во овој проект

Фото: МСУ Скопје

Во престижната галерија „Кунстхале Виена“ вечерва во 19 часот ќе се отвори изложбата на дела од вредната уметничка колекција на Музејот на современата уметност во Скопје. Изложбата има наслов „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ – Скопје“ („No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection“), а е резултат на соработката меѓу двете уметнички институции – МСУ од Скопје и „Кунстхале Виена“.

Куратори на изложбата се уметничките директори на „Кунстхале Виена“, кураторскиот колектив „What, How & for Who/WHW“, кој го сочинуваат Ивет Ќурлин, Наташа Илиќ и Сабина Саболовиќ.

Фото: МСУ Скопје

Концептот и насловот на изложбата, кураторките тесно ги поврзуваат со тоа како се градеше уметничката колекција на МСУ. Во таа смисла, кураторките поканија четворица меѓународни современи уметници и една уметничка двојка: Брук Ендру (Мелбурн), Јане Чаловски и Христина Иваноска (Скопје), Синиша Илиќ (Белград), Иман Иса (Берлин) и Ѓулсун Карамустафа (Истанбул), кои добија задача да направат своја селекција од вредната колекција на МСУ и осмислија поставка со која ќе воспостават дијалог меѓу делата на тие уметници и нивната авторска работа. Идејата е да се види како уметниците ја доживуваат оваа збирка денес, настаната преку светската солидарност.

Во проектот е вклучена и фотографката Елфи Семотан (Виена), која направи фотографии од градскиот пејзаж на Скопје и МСУ, како и писателката Барби Марковиќ (Виена), која напиша патопис за нејзиното искуство од соочувањето со сложените и слоевити истории на Скопје.

Од вкупната уметничката колекција на МСУ, која содржи над 5.500 дела, во Виена ќе бидат изложени 94 дела и околу 50 дела од современите уметници вклучени во овој проект.

Фото: МСУ Скопје

Од колекцијата на МСУ, на изложбата во Виена се претставени дела од: Пабло Пикасо, Дејвид Хокни, Петар Лубарда, Никола Мартиноски, Димитар Аврамовски Пандилов, Виктор Вазарели, Јаспер Џонс, Алекс Кац, Алберто Бури, Душан Перчинков, Анета Светиева, Александар Калдер, Глигор Стефанов, Пјер Алешински, Кристо и Жана-Клод, Томо Владимирски, Ото Лого, Димо Тодоровски, Владимир Величковиќ, Шеила Хикс, Јон Григореску, Олга Јевриќ, Енрико Бај, Олга Печенко-Срженичка, Богоја Поповски, Мерет Опенхајм, Гетулио Алвиани, Ана-Ева Бергман, Роберто Мата, Золтан Кемени и многу други.

Дел од изложбата содржи и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ и неговата колекција, документи и макетата на Кензо Танге, позајмени од архивите на Музејот на град Скопје и од архивата на МСУ.

На изложбата ќе бидат претставени и пет архитектонски макети на постземјотресно Скопје, дел од збирката на архитектите Јован Ивановски, Ана Ивановска-Дескова и Владимир Десков, кои вечерва пред свеченото отворање на изложбата ќе одржат и предавање (https://kunsthallewien.at/en/event/skopje-building-the-city-of-solidarity/).

На вечерашното отворање на изложбата во Виена ќе присуствува и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Изложбата во еден од најголемите европски културни центри ќе биде отворена до 28 јануари 2024 година.