fbpx

Вакцините не влијаат на интелигенцијата, ама невакцинираните влијаат на колективниот имунитет

Невакцинираните лица кои немаат причина да не се вакцинираат (се наоѓаат на соодветна возраст, не се болни туку се здрави, немаат контраиндикации за примање на вакцина) придонесуваат вакциналниот опфат да биде низок, што, пак, претставува ризик за епидемии опасни по животот и здравјето на оние лица кои од некоја причина навистина не смеат да се вакцинираат (на пример бебе од 6 недели не може да се вакцинира против голема кашлица додека не наполни 8 недели)

-

Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, ефектот на вакцината не е намалување на интелигенцијата, туку спречување на заразни заболувања кои водат до тешки компликации и смрт. Вакцинираните лица не влијаат негативно на невакцинираните, но невакцинираните спречуваат да се создаде колективен имунитет, кој пак, би ги штител најранливите во општеството, како што се многу мали  бебиња, бремени жени, хронично болни и возрасни над 65 години, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Вакцинираниот се плаши од тој кој не е вакциниран, а тој кој не е вакциниран, па не се плаши од вакцинираниот. 
Испаѓа дека единствениот ефект на вакцината е намалување на интелигенцијата.

Оваа објава е во склоп на наративот кој подолго време го водат антивакциналните движења во земјава и во светот, според чија логика, оној кој е вакциниран е вакциниран за себе, а оној кој не е вакциниран не е вакциниран повторно за себе и дека нема меѓусебно влијание меѓу двете групи. Во оваа објава, всушност се минимизира и се дисквалификува улогата на вакцинацијата и особено се покажува анимозитет кон колективниот имунитет, кој пак, овозможува доколку се постигне вакцинален опфат од 95 проценти, одредени болести да бидат искоренети ако тоа така се одржи подолг временски период.

Тврдењето дека единствениот ефект на вакцината е намалување на интелигенцијата, не само што е неточно, туку е и исклучително тенденциозно. Исто така, ефикасноста и делотворноста на вакцината како најсовремено достигнување на медицината во заштитата од болести, воопшто не се одразува во личните чувства на вакцинираните и невакцинираните.

Фактот што некои се невакцинирани, влијае на колективниот имунитет каде што болестите може да пронајдат канал и да се прошират и да настрадаат оние кои навистина не смеат да се вакцинираат од некоја причина, на пример  многу мали бебиња кои немаат возраст за одреден тип вакцина.

Така, на пример ДиТеПер вакцината (заштитува од голема кашлица т.е. пертусис) се прима на 2,4,6, 18 месеци и на 7 години. На Детската клиника е хоспитализирано бебе кое има само 6 недели и уште не е на возраст да може да се вакцинира, заразено со голема кашлица. Кај малите бебиња големата кашлица е најопасна, предизвикува долги напади на кашлање до помодрување, некогаш завршуваат на респиратор со бронхопневмонија, а некогаш може да заврши со смртен исход.

Кога населението би било вакцинирано во 95 проценти, тогаш би се создал колективен имунитет, кој би значел дека овие мали бебиња кои ја немаат достигнато возраста да можат да бидат вакцинирани би биле заштитени. Колективниот имунитет е она врз коешто влијаат луѓето кои не се вакцинираат, односно го оневозможуваат колективниот имунитет. Тие придонесуваат до непостоење на висок вакцинален опфат, што пак, потоа претставува опасност од појава на епидемии.

Болеста ќе престане да се шири, ако има голема пропорција од населението, која е имуна на болеста и тука лежи логиката кога се бара што поголем број на граѓани да примат вакцина.

Децата особено помалите, се во најголем ризик за голем број болести. Најдобриот начин да се заштити некој од болест е да се вакцинира директно, а не да се потпира на индиректната заштита преку колективниот имунитет. Ако некој што не е вакциниран се сретне со бактеријата која предизвикува болест, тогаш тој ќе биде сосема подложен да се зарази. А секогаш ќе има деца кои не може да се вакцинираат зашто се помлади од возраста на која се прима вакцината. Затоа докторите препорачуваат стапки од 90 до 95 проценти, затоа што некои болести се многу заразни, односно премногу лесно се пренесуваат, па затоа потребно е голем процент на вакцинирани.

Колективниот имунитет дава заштита за ранливите категории луѓе, како новороденчиња кои не можат да се вакцинираат. Вакцините му помагаат на телото да се брани од болест без опасноста од целосна инфекција. Имуниот одговор на вакцината може да предизвика умор или непријатност која трае ден или два, но заштитата како резултат од вакцинирањето може да трае цел живот. Ако не се вакцинира некој, тогаш поголеми му се шансите да се зарази и да добие тешка форма од одредена болест.

На пример, бактериите менингокока и пневмокока може да предизвикаат менингитис. Кај повеќето луѓе бактеријата живее без проблеми и без опасност во грлото и не предизвикува болест. Тие може да живеат во грлото на човек, но ако се пренесат кај некој што е ранлив, како на пример бебе, може да предизвикаат сериозна болест. Со вакцинацијата индивидуата не само што се штити самата од инфекција, туку и од преносот на оваа инфекција врз други луѓе, каде што може да предизвика болест. За колективниот имунитет да биде обезбеден треба да е вакциниран голем дел од населението, пишува вакциналната група на Оксфорд.

Оттаму додаваат дека процентот на деца кои би требало да бидат вакцинирани за да има колективен имунитет, варира зависно од бактеријата и колку е таа заразна.

Што позаразна е (болеста), толку повеќе луѓе треба да бидат вакцинирани за да се постигне колективен имунитет. На пример, сипаниците се многу заразни. Пред употребата на вакцината против сипаници секој заразен можел да инфицира 10 до 15 луѓе и така болеста се ширела многу брзо. За да се постигне колективен имунитет за сипаници треба да е вакцинирана 90 до 95 проценти од популацијата. Болест како полио која е помалку заразна, бара 80 до 85 проценти од популацијата да биде вакцинирана за да се постигне колективен имунитет, додаваат оттаму.

Ефектите и функциите на вакцините се многубројни и не се за намалување на интелигенцијата. Вакцините помагаат да се заштитите со вашето дете од многу сериозни и потенцијално смртни болести. Тие ги штитат другите луѓе во вашето семејство или општество на начин што спречуваат болеста да се шири кај луѓе што не можат да се вакцинираат како премлади бебиња и оние што се премногу болни за да се вакцинираат. Вакцините поминуваат ригорозни безбедносни тестирања пред да се пуштат во употреба и констатно се мониторирани за несакани ефекти откако ќе бидат пуштени во употреба. Некогаш вакцините предизвикуваат благи несакани ефекти кои не траат долго. Вакцините овозможуваат да се намалат па дури и да се искоренат некои болести ако доволно луѓе се вакцинирани.

Вакцините не го слабеат или оптоваруваат имунолошкиот систем и се безбедни за децата и возрасните. Не содржат штетни состојки туку само состојки што се неопходни за да ги направат побезбедни и поефективни и само во мали дози, не предизвикуваат аутизам (студиите покажаа дека нема поврзаност меѓу МРП вакцината и аутизмот), наведува сајтот за национални здравствени услуги на Велика Британија.

Оттаму додаваат дека вакцинацијата е најважното нешто што можете да го направите за да се заштитите себеси и децата од болести. Вакцините спречуваат милиони смртни случаи секоја година ширум светот. Откако вакцините беа воведени во Велика Британија, болести како сипаници и тетанус кои убиваа или онеспособуваа милиони луѓе или се искоренети или се многу ретки.

Други болести како сипаници и дифтерија се намалени на мал број случаи секоја година од воведувањето на вакцините. Често пати овие случаи се поврзани со патување и донесување на заразата од надвор. Но, ако луѓето престанат да се вакцинираат, можно е инфективните болести брзо пак да се прошират, додаваат од сајтот за национални услуги на Велика Британија.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава која е невистинита. Невакцинираните лица кои немаат причина да не се вакцинираат (се наоѓаат на соодветна возраст, не се болни туку се здрави, немаат контраиндикации за примање на вакцина) придонесуваат вакциналниот опфат да биде низок, што, пак, претставува ризик за епидемии опасни по животот и здравјето на оние лица кои од некоја причина навистина не смеат да се вакцинираат (на пример бебе од 6 недели не може да се вакцинира против голема кашлица додека не наполни 8 недели). Вакцинацијата не придонесува да се намали интелигенцијата, туку напротив, свесни граѓани загрижени за колективното и индивидуалното здравје на нивните деца, ги вакцинираат за да ги поштедат од тешка форма на болестите

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...