Усвоена стратегијата за ментално здравје на млади, НМСМ бара доследна имплементација

Околу 64 отсто од младите се соочуваат со депресија, 55 отсто со стрес, додека загрижувачки 56 проценти имале самоубиствени мисли

Photo by Ümit Bulut on Unsplash

Владата на својата последна седница ја усвои Националната стратегија за ментално здравје на млади 2024 – 2026, која беше подготвена од страна на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ). Усвојувањето на оваа Стратегија, велат од Националниот младински совет, е резултат на соработката со Владата со цел поддршка на добросостојбата на младите како врвен приоритет на секое општество.

„Во време кога младите се соочуваат со сериозни предизвици, ваквиот документ е од исклучително значење и претставува институционализирана, стратешка и системска поддршка за менталното здравје и благосостојбата на младите на национално ниво“, велат од НМСМ.

Од таму истакнуваат дека усвојувањето на овој документ е од особена важност, затоа што, според истражувањата, 64 отсто од младите се соочуваат со депресија, 55 отсто со стрес, 58 проценти се борат со анксиозност, 56 проценти имаат самоубиствени мисли, додека 67 отсто сметаат дека е потребна подобра грижа за менталното здравје.

„Овие статистички податоци се потврдуваат и преку фактот дека најчитаните содржини во историјата на НМСМ се прирачниците за ментално здравје кои даваат совети како младите да препознаат и да се справат со стрес, анксиозност и депресија. Веруваме дека преку доследна имплементација на стратегијата во наредните години, значително ќе се подобри благосостојбата на младите и ќе се креира широк спектар на механизми за поддршка и грижа за нивното ментално здравје“, вели Филип Ивковски, претседател на НМСМ.

Стратегијата се фокусира на проактивни мерки и активности за спречување и рана интервенција на проблемите со менталното здравје кај младите. Ја нагласува и потребата за намалување на стигмата и подигнување на свеста за менталното здравје и има за цел да го подобри пристапот до квалитетни услуги за ментално здравје за младите.

Во Стратегијата е нагласена и важноста на соработката меѓу различни засегнати страни, за да се создаде холистички и координиран пристап кон менталното здравје, како и значењето на собирањето податоци и истражувањето за да се стекне сеопфатно разбирање за потребите за ментално здравје на младите луѓе.