УНИЦЕФ го поздрави отворањето на училиштата, Таравари вели да се размисли за одложување на стартот на учебната година

фото: marco fileccia на Unsplash

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари на прес-конференција денеска истакна дека се согласува оти наставата треба да започне со физичко присуство, но и дека треба да се размисли за одложување на почетокот на учебната година.

„Мислам дека треба учениците да одат во училиште, меѓутоа бројките се загрижувачки. Факт е дека бројките се покачуваат и во Германија, Америка, Косово, Албанија и Бугарија, но доколку гледате процентуално во однос на бројот на жители во Македонија тоа е екстремно покачување, затоа можеби треба да размислуваме за одложување 3-4 недели. Можеби некој хибриден начин на одење, еден ден да одат, еден ден не, но тоа нека го кажат експертите и комисијата за заразни болести“, рече Таравари.

Одлуката за отворање на училиштата во септември денеска ја поздрави и УНИЦЕФ, од каде порачаа дека училиштата треба да останат безбедни и отворени.

„Ова особено охрабрува, бидејќи Северна Македонија го забележа најдолгото затворање на училиштата за учење со физичко присуство, при што мнозинството ученици посетуваа настава на далечина вкупно 54 недели. Оваа бројка е значително повисока од просекот од 25 недели во регионот на Европа и Централна Азија“, изјави Патриција ДиЏовани, претставник на УНИЦЕФ.

Училиштата секогаш мора последни да се затворат и први да се отворат, кога тоа е безбедно, порачуваат од таму.

„Со неизвесноста на почетокот од пандемијата, преминот кон настава од далечина беше неопходен, но замислен како краткорочна мерка, а не замена за учењето со физичко присуство во подолг период. Затворањето на училиштата често се применуваше како прва, а не како последна мерка. Во многу случаи, училиштата беа затворени, а баровите и рестораните остануваа отворени“, велат од УНИЦЕФ.

УНИЦЕФ посочува дека за време на учењето од далечина над половина од наставниците забележале пораст во бројот на ученици кои имале тешкотии, а дел од наставниците посочиле и дека во одредени моменти од наставата не можеле да контактираат со некои ученици.

Порачуваат заедницата да го поддржи безбедното отворање на училиштата, а доколку ситуацијата се промени, затворањето да се разгледа само како последна можност, кога ќе нема други алтернативи.

„Отворањето и држењето на училиштата отворени бара колективен напор за тие да останат безбедна средина за учење. Сега, повеќе од кога било, на училиштата им се потребни ресурси и капацитети за да го надоместат изгубеното во наставата и менталната благосостојба. Образованието треба да ни стане приоритет и треба да изградиме национална солидарност околу клучните реформи, за секое дете да биде на училиште и да учи“, посочија од УНИЦЕФ.

Учебната година од септември ќе започне со физичко присуство во основните и средните училишта, а наставата ќе се одвива под здравствени протоколи, одлучи Владата по мислење дадено од Главниот координативен кризен штаб. Претходно министерката за образованиe и наука Мила Царовска изјави дека во најдобар интерес на учениците е наставата да започне со физичко присуство во училниците и училишните клупи за што се обезбедени сите потребни услови, а вакцинирани се над 62 отсто од вработените во училиштата.