fbpx

Украина предупредува на зголемен број руски воени бродови во Црното море

-

Украинската војска соопшти дека Русија во петокот го удвоила бројот на  воени бродови што се на активна должност во Црното Море и предвидува дека ова може да биде подготовка за повеќе ракетни напади, пренесува Гардијан.

Руската морнарица редовно лансира проектили од својата Црноморска флота како дел од напорите на Москва да ги таргетира украинската критична инфраструктура и постројки за производство на електрична енергија.

„Во Црното Море, флотата на воени бродови е двојно зголемена во споредба со утрово – сега има осум бродови“, соопшти украинската воена команда во јужниот регион.

Еден руски воен брод е вооружен со осум ракети „Калибр“, се вели во соопштението. Минатата сабота Украина соопшти дека Русија лансирала четири ракети „Калибр“ од Црното Море, од кои две биле соборени.

Црноморската флота на Русија се наоѓа на полуостровот Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година.

Американскиот претседател Џо Бајден засега ја отфрли можноста САД да испрати напредни борбени авиони во Украина. Бајден во петокот изјави дека нема основа врз која постои образложение да се обезбедат авиони „Ф-16“ на Украина.

Наспроти ваквата одлука за авиони, Украина веќе ги доби првите полски тенкови „Леопард“. Полскиот премиер Матеуш Моравјецки потврди дека се испорачани четири тенкови.

„Полска и Европа стојат покрај вас. Дефинитивно нема да ве оставиме, ќе ја поддржуваме Украина до целосна победа над Русија“, рече тој, стоејќи покрај украинскиот претседател, Володимир Зеленски, за време на неговата посета на Кијив по повод одбележувањето на првата годишнина од руската инвазија.

Британското министерство за одбрана во својот најнов извештај наведува дека се чини оти на Русија и снемале залихи на беспилотни летала произведени од Иран. Русија ќе се обиде да се снабди повторно со камикази-дронови преку кои извршува напади врз украинските градови.

Инаку, нема извештаи за напади извршени со ирански дронови од 15 февруари 2023 година до денес.

Пред ова, украинските вооружени сили објавија дека собориле најмалку 24 дронови „Шахед-136“ помеѓу крајот на јануари и почетокот на февруари 2023 година.

Британското Министерство за одбрана во извештајот додава дека иако ова иранско оружје нема добро досие во уништувањето на нивните цели во Украина, Русија веројатно ги гледа дроновите како корисни мамки кои можат да ја пренасочат украинската противвоздушна одбрана од поефикасните руски крстосувачки ракети.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Донбас. Вчера, денес, утре“ – документарец во најдобрата пропагандна традиција на Кремљ

Руската амбасада деновиве го сподели на Фејсбук документарецот „Донбас. Вчера, денес, утре“ (2021), во кој се користи една честа манипулација, а тоа е правење збрка во редоследот на настаните, за...