Учениците од шесто одделение немаат обврска да го читаат и обработуваат дискриминаторскиот текст за Ромите во лектирата

„Имајќи ги предвид препораките на Народниот правобранител, Министерството за образование и наука дава генерална препорака на сите наставници кои го предаваат предметот македонски јазик во шесто одделение и кои како изборна ја обработуваат лектирата „Македонски хумористични народни приказни“ од Томе Саздов, текстот „Циганот како сведок“ да не биде обработуван на часовите и учениците немаат обврска да го читаат“ информираат од Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“, по претставката кои тие ја поднеле до МОН, а подоцна и до Народниот правобранител.

Тие укажуваат дека со текстот се предизвикува говор на омраза и се дискриминира одредена група по основ на етничка припадност во образовниот процес.

„Имајќи ја во предвид оваа измената одлука која што е делумно позитивна со необработувањето на текстот, сепак сметаме дека ваквите лектири или учебници треба целосно да се тргнат од употреба односно да се ревидираат, бидејќи досега праксата покажува дека МОН секогаш носи препорака за дискриминаторски текстови кон Роми да не се употребуваат одредени делови, додека пак за други случаеви каде има дискриминаторски текстови по било кој основ целосно ги повлекува односно ги ревидира учебниците“, посочуваат од „Ромалитико“.

Оттаму ги повикуваат сите засегнати страни, надлежни министерства и НВО чија дејност и работни активности се во делот на образованието, да пристапат кон целосно истражување и ревидирање на учебниците во основно образование за да се спречат вакви содржини во иднина.

„Во насока на спроведување на упатената препорака, Народниот правобранител, ја продолжи постапката која претходно беше започната на сопствена иницијатива, направи дополнителен напор и преку својот авторитет успеа да ја обнови постапката пред надлежните служби во министерството, по што доби одговор од МОН во кој се наведува дека е прифатена упатената препорака, по што министерот за образование и наука доставил општа препорака до директорите на сите основни училишта на територијата на нашата држава“ – се вели во одговорот на Народниот правобранител доставен до „Ромалитико“.