Учениците во Тетово се срамат да носат храна од дома, нутриционистите предупредуваат на опасностите од брзата храна

Учениците се срамат да носат храна подготвена дома, а во околината на училиштата во Тетово нема места каде се продава здрава храна

Image by Daniel Reche from Pixabay

Учениците се срамат да носат храна подготвена дома, а во околината на училиштата во Тетово нема места каде се продава здрава храна. Според нутриционистката Енеса Несими, лошата исхрана, посебно во адолесценцијата, предизвикува дополнителни проблеми, меѓу кои се проблемите со здравјето на срцето, слабеење на крвта и губење на концентрацијата, пишува Порталб.мк.

Основните и средните училишта во Тетово немаат доволно продавници за храна за учениците, а уште помалку продавници каде се продава здрава храна. Истражувањето на Порталб.мк на терен покажа дека овие училишта се опкружени со продавници за брза храна или супермаркети.

И во супермаркетите учениците главно купуваат нездрава храна, како чипс, слатки, енергетски пијалоци, е така натаму.

„Срам” да се носи храна од дома

Родителите и наставниците се обидуваат да го решат овој проблем на свој начин. Одделенските наставници од основните училишта „Лирија“, „Кирил и Методиј“, „Наим Фрашери“ и „Истикбал“ ги поттикнуваат учениците да си носат храна од дома. Во некои училишта, до трето одделение јадењето во училница е задолжително, бидејќи наставниците забележале дека кога е факултативно, учениците кои купуваат храна често ги задеваат учениците кои носат храна од дома. Овие мерки ги оправдуваат и со тоа што учениците на таа возраст се мали и не можат да се туркаат со повозрасните ученици по продавниците, но велат дека по третото одделение веќе не можат да ги натераат да се хранат во училиштето.

И родителите велат дека на децата им е „срам “ да земат храна од дома по третото одделение.

„Јас на моето дете му спремам храна од дома. И така се плашам да го оставам да купува сам, затоа што едно второоделенче не може да се турка со средношколците“, рече еден родител.

„Кога го носам на училиште, застанувам и му купувам тост или сендвич, бидејќи немам време да му спремам… Да, се нездрави, но сега не можам да го делам од другите. Кога ќе му купам нешто друго, не го вади од ташна“, вели еден друг родител.

„Мојот син сега е прво одделение, му давам храна од дома. Девојчето е седмо одделение и таа најмногу ме загрижува. Вели дека никој од нејзиниот клас не носи храна од дома“, вели трет родител.

Родителите од училиштето „Гоце Делчев“ велат дека плаќаат за храна од училишната менза, па немаат голем проблем, иако одвреме-навреме има тенденција парите да се трошат на брза храна.

Гужва за време на одморот

Поради гужвата што се создава пред продавниците за време на големиот одмор, учениците се обидуваат да заштедат на време со тоа што однапред ќе нарачаат храна или пак ќе одат некаде подалеку.

„Ние се договараме со нив (продавачите), тие секогаш знаат: 4 вакви тостови, 2 такви. Но пак ќе чекате на ред за да ја земете нарачката, бидејќи не можете да влезете од другите. Понекогаш професорката ќе продолжи со часот и за време на одморот, и ете, отидоа уште 5-7 минути. Ако излезеш две минути покасно, сè е завршено“, велат дел од средношколците.

„Има повеќе места, но често има и студенти од факултетите. Гледаме да купиме во овие сендвичарниците по пат, нешто брзо. Да се влезе во кафуле или кафеана не доаѓа предвид, бидејќи нема место“, вели една средношколка од средното медицинско училиште.

Учениците од средното музичко училиште изјавија дека често нарачуваат и тостовите им ги носат на училиште за време на одморот.

„Цел клас нарачуваме од Инстаграм. Ни здосадило веќе, секој ден тост, но немаме којзнае каков избор. Што друго можеш да купиш со 50 ден? Само тост“, вели една средношколка од средното музичко училиште.

Група ученици од текстилното училиште велат дека повеќето работи ги купуваат од продавница или одат во најблиската пекарница. Наспроти училиштето има еден локал каде што купуваат „брза храна“ за носење, а таму обично се хранат професорите.

Некои ученици воопшто не јадат во текот на часовите, затоа што не сакаат да се туркаат по таквите гужви и/или им се здосадени тостовите и хамбургерите. Минатата година во врска со ова имаше и анкетатука), при што некои од нив изјавија дека целосно го прескокнуваат оброкот кога се на училиште.

„Не купувам затоа што немам време. Понекогаш купувам нешто од продавница. Се трудам да јадам дома, но станувам касно“, вели една ученичка по медицина.

„Јас си купувам само цигари. Немам многу трпение“, вели друг ученик.

Последиците на секојдневната лоша исхрана

Енеса Несими, нутриционистка во клиниката Diet & Smile

Нутриционистката Енеса Несими вели дека брзата храна, како што се хамбургерите, пиците, помфритот и други производи, е богата со масти, шеќер и сол, но често нема важни нутритивни вредности како што се влакната, витамините и минералите неопходни за здрав развој на децата. Недоволното конзумирање на здрава храна може да доведе до недостаток на есенцијални витамини и минерали и да предизвика здравствени проблеми, како што се недостигот на цинк, железо и калциум, што може да доведе до слабеење на белите дробови, анемија и други здравствени проблеми.

За Порталб.мк таа објасни како влијае конзумирањето на брзата храна кај децата и адолесцентите.

„Честото консумирање брза храна може да има неколку негативни ефекти врз здравјето на децата: зголемување на телесната тежина, недостаток на хранливи материи, негативно влијание врз срцето и крвните садови, лоши навики во исхраната… Со често консумирање на овој вид на храна децата може да не ги внесуваат во организмот сите елементи неопходни за нивниот правилен раст и развој… Важно е децата да конзумираат урамнотежена исхрана која се состои од овошје, зеленчук, протеини и колку што е можно да го намалат конзумирањето на брзата храна и преработената храна која содржи многу масти, шеќер и сол“, рече Несими.

Од друга страна, според неа, прескокнувањето оброци секој ден предизвикува други проблеми, како недостаток на енергија и слабост, губење на телесната тежина и нутритивни дефицити, проблеми со здравјето на срцето и кардиоваскуларниот систем, проблеми со дигестивниот систем, губење на способноста за размислување и расудување.

„Децата кои не јадат или јадат малку за време на одморот, исто така може да имаат недостаток на енергија и потешкотии да останат будни и фокусирани за време на часовите и училишните активности“, додаде таа.

Порталб.мк побара од Енеса Несими да се произнесе околу тоа што може да се продава во близина на училиштата, а што не одзема многу време за подготовка и не чини многу повеќе од брзата храна. Таа рече дека има различни видови храна што може да се продаваат во близина на училиштата и да се консумираат во 15-те минути од долгиот одмор. Некои од овие продукти се:

• Сендвичите се подготвуваат многу лесно и се одлично решение како јадење кое може да се конзумира за време на одморот. Тие можат да одберат сендвич со сирење, шунка, пилешко, зеленчук и салата за да се осигураат дека детето ке конзумира избалансиран оброк и нема да биде гладно.
• Свежото овошје како јаболка, портокали, банани, грозје и цреши се одлично решение за здрав и брз оброк. Тие содржат важни витамини и минерали и се лесни за конзумирање.
• Обичното кисело млеко, сувото овошје и медот се брза и здрава ужина која обезбедува протеини и лесни јаглехидрати.
• Можат внимателно да одберат и спакувана храна која нуди здрава комбинација на овошје, зеленчук, цели зрна и протеини.