Убиецот на Џорџ Флојд доби 22,5 години затвор

Дерек Шовин, тогашен полицаец кој минатата година на улица во Минеаполис го уби Афроамериканецот Џорџ Флојд, вчера беше осуден на затворска казна од 22 и пол години. По убиството почнаа серија на големи протести против кршење на правата на Афроамериканците под мотото „Црнечките животи вредат“, кои честопати се претвораа во безредие.

Како што извести Си-ен-ен, пред изрекувањето на пресудата, Шовин изразил сочувство на семејството Флојд.

Пресудата ја донесе судијата Питер Кејхил, кој рече дека казната претставува примена на владеењето на правото за поединечен случај.

„Пресудата не се заснова на емоции или сочувство, но во исто време сакам да укажам на болката што ја чувствуваат семејствата, особено семејството Флојд. Беше болно во округот Хенепин и низ целата земја“, рече Кејхил.

Во април, Шовин беше прогласен за виновен по сите точки на обвинението, кое го товари за убиство од втор степен, убиство од трет степен и убиство од небрежност од втор степен, според американските закони.

Според законите на сојузната држава Минесота, Шовин ќе треба да отслужи две третини од казната в затвор пред да може да побара дослужување на преостанатите седум и пол години во цивилство, под посебен режим.

Флојд почина на 25 мај, откако Шовин,, при апсењето за обид да плати во продавницата со фалсификувана банкнота од 20 долари, повеќе од 8 минути го притискал со коленото на вратот.