fbpx

Уапсени 15 лица за проневера на 840.000 евра, меѓу нив и ексфункционерот на ДУИ, Исмет Гури

Според обвинителството, осомничените делото го извршиле преку формирање на фиктивни компании на кои им бил исплаќан поврат на ДДВ преку неосновани барања

-

Обвинител донел наредба за спроведување на истражна постапка против три фирми и 15 лица, меѓу кои и поранешниот функционер од ДУИ, Исмет Гури, неговиот син и вработени во УЈП. Од обвинителството тврдат дека станува збор за повеќемесечна предистражна постапка координирана од јавен обвинител од обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, а денеска од страна на МВР била реализирана акција по поднесената кривична пријава.

Лицата, според пријавата се сомничат за злосторничко здружување (11 лица), даночна измама, а четворица се осомничени дека сториле кривично дело перење пари.

Осомничените, тврдат од обвинителството, со намера за себе да стекнат противправна имотна корист, го довеле во заблуда даночниот орган– УЈП и неосновано побарале и добиле враќање на ДДВ од околу 840.000 евра.

Сето ова се случувало во 2020 година, кога првоосомничениот го користел својот должничко доверителски однос со една фирма, а второосомничениот бил задолжен да наоѓа фиктивни правни лица и да формира нови правни лица преку кои ќе генерираат фиктивни побарувања кон Управата за јавни приходи. За таа цел на располагање имале осум правни лица со кои реално, но не и формално управувале.

Како раководно лице во УЈП, третоосомничениот иако немал надлежност, од вработените во УЈП, електронски добивал известувања и постојано бил во тек со фиктивниот поврат на незаконски средства врз основа на одобрени барања за пребивање на даночен долг со повеќе платен данок и тоа исклучиво за фиктивните даночни гаранти.

„Подоцна како членови на злосторничкото здружување се приклучиле уште осуммина осомничени при што двајца од нив имале задача да учествуваат во подготовка на потребната документација за формирање и промени во правните лица и подготвување на потребната документација за даночните пријави, како и за склучување на Договори за пребивање на данок со фиктивните гаранти“, се вели во соопштението.

Една од осомничените била сметководителка на дел од фирмите, задолжена да ја подготвува фиктивната документација на правните лица до УЈП за даночната пријава, а заради добивање на нелегален поврат на парични средства од данок на додадена вредност од УЈП.

Двајца осомничени – вработени во УЈП, имале задолжение да ги одобруваат барањата за пребивање на даночен долг со повеќе платен данок на правните лица.

Тројца осомничени – управители на дел од фирмите, имале задача како даночни гаранти на даночни должници да склучуваат договори преку кои за возврат добивале стока – гориво, движен имот – луксузни возила или недвижен имот – станови, кои подоцна ги препродавале на трети лица, со што се стекнувале со парични средства во готовина, па врз основа на таквите фиктивни договори издавале невистинити фактури, со пресметан ДДВ, едни кон други, а потоа доставувале барања за пребивање на даночен долг со повеќе платен данок до УЈП.

Како се переле парите?

Во периодот од јануари до октомври 2021 година, според обвинителството, со намера да го прикријат потеклото на парите дел од осомничените пуштиле во оптек дел од парите, околу 400 илјади евра. Па така, според обвинителството, откако третоосомничениот (н.з. Исмет Гури) ќе ги добиел парите од кривичното дело, дел ги пуштал во промет во име и корист за неговиот син, кој исто така е осомничен. Наводно, за него бил купен деловен простор со површина од 102 квадратни метри од околу 150.000 евра и на име позајмица од осомничените правни лица во повеќе наврати. За оваа цел, му биле префрлани парични средства.

Од обвинителството велат дека нелегални пари во износ од 248 илјади евра, Гури, со цел да ги легализира, ги дал во готово на осомничено овластено лице кое пак во повеќе наврати, како дневен промет ги внело на сметките на својата фирма. Потоа, повторно во повеќе трансакции, на име на позајмица биле префрлени од неговата осомничена фирма, во сопственост на синот на Гури.

Предметниот обвинител на судијата на претходна постапка ќе предложи определување на мерката притвор за тројца осомничени, додека за останатите ќе предложи други мерки за обезбедување присуство во текот на постапката.

Кој е Исмет Гури?

Исмет Гури беше заменик директор на Управата за јавни приходи, а потоа заменик управник во Регионалната дирекција Скопје, но бил разрешен пред неколку месеци и распределен на друга работна позиција.

Тој минатата недела беше повторно осуден на 3,5 години затвор за изборни злоупотреби во случајот „Титаник 3“, кој го имаше отворено Специјалното јавно обвинителство.

По 3,5 години затвор за Гури и Алими од ДУИ на повтореното судење за „Титаник 3“

Гури беше сменет од функцијата заменик директор, кога неговата матична партија ДУИ почна да ги разрешува функционерите што ѝ се приклучија на „огнената група“ каде што се Изет Меџити и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...