Твитер ги избриша профилите на новинари кои известуваат за Илон Маск

Ministério Das Comunicações, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons

Твитер ги суспендираше сметките на новинарите што известуваат за платформата за социјални медиуми и нејзиниот нов сопственик Илон Маск, а меѓу суспендираните се новинари на Њујорк Тајмс, Вашингтон Пост, Си-Ен-Ен, Гласот на Америка и други медиумски организации, јави Асошиејтед прес.

Твитер не им објасни на новинарите зошто се отстранети нивните профили, но Маск вчера вечерта ги обвини новинарите дека споделуваат приватни информации за неговото место на живеење и ваквите акции ги нарече „во основа, координати за атентат“, без да обезбеди докази за тоа тврдење.

Маск рече дека сметките на новинарите биле вклучени во „доксинг“ – термин што се користи за да се опише објавувањето приватни информации за некого на Интернет.

Ненадејната суспензија на новинарите следи по одлуката на Маск трајно да ја забрани сметката на корисникот што ги следи летовите на неговиот приватен авион користејќи јавно достапни податоци.  Ова, меѓу другото, доведе и до промена на правилата на Твитер, со што сега на сите корисници им е забрането да ја споделуваат моменталната локација на други лица без нивна согласност.

Со реакција се јавија повеќе новински организации чии новинари беа отстранети од Твитер.

Извршната уредничка на Вашингтон пост, Сали Базби, побара Твитер веднаш да го врати профилот на репортерот за технологија Дру Харвел.

„Суспензијата директно го поткопува тврдењето на Илон Маск дека има намера да го води Твитер како платформа посветена на слободата на говорот. Харвел беше протеран без предупредување, процес или објаснување, откако го објави неговото прецизно известување за Маск“, напиша Базби.

Си-ен-ен во соопштение рече дека „имплусивното и неоправдано суспендирање на голем број новинари, вклучително и Дони О’Саливан од Си-ен-ен, е загрижувачко, но не изненадува“.

Би-Би-Си објави дека Твитер го суспенираше и официјалниот профил на „Мастодон“, платформата која се појави како алтернатива на Твитер откако Маск го купи за 44 милијарди американски долари во октомври.

Суспензиите на новинарите следуваат откако Маск направи големи промени во модерирањето на содржини на Твитер. Преку објавување на избрани документи на компанијата, милијардерот тврдеше дека платформата, под нејзината претходна управа, ги потиснала десничарските гласови. Маск вети дека ќе дозволи слободата на говорот да владее и ги врати профилите што претходно ги прекршуваа правилата на Твитер против одмаздничко однесување или штетни дезинформации.