Тужба против „Бајтденс“: Кина шпионирала активисти од Хонг Конг преку ТикТок

Во тужбата се вели и оти членовите на Комунистичката партија на Кина можеле да пристапат и до податоците за американските корисници

фото: Solen Feyissa на Unsplash

Компанијата сопственик на ТикТок, „ByteDance“ (Бајтденс) е обвинета дека им дозволила на членовите на кинеската Комунистичка партија да пристапат до податоците на активистите и демонстрантите за граѓански права во Хонг Конг.

Идентификувани и следени биле и корисниците што објавувале содржини поврзани со протести, тврди во тужба поднесена од Врховниот суд во Сан Франциско, САД, од поранешниот шеф на инженерство во кинеската компанија „Бајтденс“, Јинтао Ју, пренесува Би-Би-Си.

Ју тврди дека членовите на Комунистичката партија на Кина можеле да пристапат и до податоците за американските корисници.

Според тврдењата на Ју, членови на комитетот на Комунистичката партија имале дозвола да пристапат до функцијата наречена „суперкорисник“ (superuser) што пак им овозможило да ги прегледаат сите податоци собрани од „Бајтденс“.

Во тужбата се наведува оти во 2018 година, членовите на комитетот на Комунистичката партија ги користеле ваквите акредитации за да ги идентификуваат и лоцираат демонстрантите во Хонг Конг, активистите за граѓански права и поддржувачите на протестите.

Во Хонг Конг во 2014 година се случија големи протести на таканареченото движење „Чадор“ (Umbrella Movement), кога граѓаните бараа право да го изберат својот лидер. По ова, имаше и помали демонстрации на активисти за граѓански права.

Протестите се смирија откако Пекинг воведе драконски закон за национална безбедност по антивладините протести во 2019 година – најголемите демонстрации во историјата на Хонг Конг.

Портпаролот на „Бајтденс“ ги негираше тврдењата на Ју, опишувајќи ги како „неосновани“.

Почнувајќи од 2017 година, Ју една година бил шеф на инженерство за „Бајтденс“ во САД. Неговите тврдења доаѓаат во време кога ТикТок е под интензивен надзор низ целиот свет.

Во март, главниот извршен директор на ТикТок, Шоу Зи Чу, четири и пол часа беше испрашуван во американскиот Конгрес.

Минатиот месец, американската сојузна држава Монтана стана првата американска држава што усвои опсежна забрана за платформата за споделување видеа, инаку во сопственост на кинеската „Бајтденс“. Забраната треба да стапи на сила во јануари догодина, што подразбира оти продавниците за апликации нема да смеат повеќе да го нудат ТикТок за симнување.

Како ТикТок следел британска новинарка преку сметката на нејзиниот мачор?