Како ТикТок следел британска новинарка преку сметката на нејзиниот мачор?

Членови на одделот за внатрешна ревизија во ТикТок ја следеле локацијата на ИП адресата на новинарката и ја споредувале со ИП податоци на нивниот персонал, во обид да утврдат кој од вработените тајно се среќавал со медиуми

фото: Solen Feyissa на Unsplash

Два дена пред Божиќ, ТикТок ја побарал лондонската новинарка Кристина Кридл за да ѝ соопшти оти двајца вработени во Кина и двајца во САД ги разгледувале податоците од нејзината лична корисничка сметка на платформата без нејзино знаење или согласност. Тоа што ѝ се случило на дописничката за технологија на Фајненшл Тајмс, всушност, е она што ТикТок и нејзината матична компанија „БајтДенс“ постојано негираа дека воопшто и се случувало, поради што Кристина одлучила да зборува за ова со Би-би-си.

„Беше навистина застрашувачко и ужасно, и лично, прилично навредливо. Бев во семејниот дом со мојата сестра-тинејџерка, братучедите-тинејџери и сите тие постојано го користат ТикТок. Ме прашаа ‘Треба ли да бидеме загрижени?’“, раскажува новинарката Кридл.

Како што пишува Би-би-си, ТикТок потврдил дека членови на одделот за внатрешна ревизија ја гледале локацијата на ИП адресата на Кристина и ја споредувале со ИП податоци на непознат број од нивниот персонал, во обид да утврдат кој од вработените тајно се среќавал со медиуми. Правејќи го ова, вработените ги злоупотребиле своите овластувања.

Новинарката вели дека не знае колку долго ја следеле, ниту колку често, но знае оти тоа се случило минатото лето.

„Ако мојата локација била следена 24/7, тоа не е ограничено само на моите работни обврски – што дури и да беше, не би било во ред – но, ова беше и мојот личен живот. Тоа се случувало кога бев надвор со пријателите, кога одев на одмор, сите тие работи се таму. Вистинската закана и вистинската застрашувачка работа е тоа што само се обидував да си ја работам работата“, вели Кридл.

Минатото лето, Кристина разговарала со персонал на ТикТок незадоволен од практиките на компанијата. Прекршувањето на правилата, сепак, не успеало да ги идентификува нејзините извори.

Новинарката Кридл вели дека со ова можеби е прекршена и строгата општа регулатива за заштита на податоците на ЕУ, според која корисниците треба активно да се согласат за тоа како се користат нивните податоци. Предвидени се и големи казни за компаниите кои не ги почитуваат.

Сметката на Кристина на ТикТок била на нејзиниот личен мобилен телефон – и во името на нејзиниот мачор Бафи. Нејзиното име и професија не биле спомнати во описот на профилот. Сметката броела околу 170 следбеници и во текот на три години објавила околу 20 видеа од мачорот, кои во просек броеле неколку стотици прегледи.

Компанијата – сопственик на ТикТок, „Бајтденс“, рече дека „длабоко жали“ за она што било „значително прекршување“ на кодексот на однесување и дека е посветена да осигури тоа никогаш да не се повтори.

Кристина вели дека засега сметката на ТикТок ја чува отворена, но апликацијата сега живее на уред што се чува на нејзиното работно место. Поради случката, таа го ограничила користењето и на останатите социјални мрежи и платформи.

„Навистина морам да размислувам за мојата безбедност – најмногу за мојата дигитална безбедност. Сега сум супер внимателна. Морам да се уверам дека нема шанси да се следат моите уреди. Морам да се погружам и моите извори да бидат свесни за можните предизвици за нивната безбедност“, вели новинарката на Фајненшл Тајмс.

ТикТок во моментов се бори за опстанок во САД, а ограничен пристап до апликацијата имаат официјалните уреди во уште неколку други земји. „БајтДенс“ е со седиште во Пекинг, Кина, а канцеларии има и во Европа и САД.

Западните земји се загрижени дека платформата може да ги споделува податоците на корисниците со кинеската држава, доколку такво нешто биде побарано.

И покрај ова, ТикТок останува неверојатно популарна апликација, со над 3,5 милијарди преземања ширум светот.