fbpx

Ципрас и Каменос ја договараат новата влада

-

Алексис Ципрас планира во текот на денот или утре да го најави новиот состав на владината коалиција СИРИЗА – Независни Грци. По јасната победа на СИРИЗА со разлика од 7,5 проценти пред Нова демократија, Ципрас ќе биде подготвен во рок од 24 часа да продолжи со владината работа која застана на 21 август, кога беа распишани предвремените избори.

Според првичните информации, Ципрас денеска околу пладне ќе го посети грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, каде ќе добие официјален мандат за формирање на грчката влада. Ципрас се очекува вечерва да поднесе заклетва како нов премиер, додека новата влада се прогнозира дека ќе даде заклетва во вторник.

Веднаш по завршувањето на процедурата за формирање на новата влада, во среда Ципрас заминува на итниот состанок во рамки на ЕУ за справување со бегалската криза.

Овој септемвриски понеделник, во Грција значително потсетува на 26 јануари, првиот ден од јануарската победа на левичарската партија СИРИЗА и на Алексис Ципрас.

Како да не се случи никаква голем драма, никаков референдум и финансиска трагедија изминативе неколку месеци, СИРИЗА доби зелено светло од народот и втора шанса да се обиде да ја исправи Грција на нозе и исто како во јануари, партијата веќе ја има договорено својата коалиција со десничарите Независни Грци во рок од неколку часа од победата.

Токму ваквиот исход, можноста Ципрас да продолжи да ја раководи државата и покрај потпишувањето нов договор за мерки за штедење и воведувањето трансакциски лимит, кој стави клуч на банкарските трансакции, како и внатрешниот раздор во партијата, докажуваат дека лидерот на левичарите е голем победник на овие втори парламентарни избори во Грција годинава.

Изборните резултати покажуваат дека и покрај големата разочараност која ја покажа народот по потпишувањето на третиот меморандум за штедење, Ципрас сепак сè уште ја има довербата на народот, како и дека граѓаните сè уште им немаат простено на двете традиционални партии што ја водеа Грција, Нова демократија и ПАСОК, ниту пак планираат да ги вратат на власт наскоро.

СИРИЗА освои 35,5 проценти од гласовите и 145 пратеници во новиот состав на грчкото собрание и заедно со десетте пратеници на Независни Грци, ќе го има неопходното парламентарно мнозинство во новиот состав на грчкиот парламент. Покрај овие две партии, во новиот парламент со вкупно осум партии, Нова демократија ќе има 75 пратеници, Златна зора – 18 пратеници, коалицијата ПАСОК-Демократска левица – 17, Комунистичката партија – 15, Река – 11 пратеници и Унијата на центристи ќе има 9 пратеници.

Ципрас по победата во разговор со новинарите истакна дека клучна работа на која ќе се фокусира ќе биде борбата за справувањето и потенцијалното реструктурирање или намалување на грчкиот долг. Економијата, клучните економски, социјални и административни реформи и спроведувањето на договорот со ЕУ остануваат приоритет и за оваа втора влада на Ципрас.

Што се однесува до надворешната политика кон Македонија, партијата може да се очекува да остане во истата насока како и досега, на ставот за решавање на спорот за името преку сложено име со географска одредница за севкупна употреба, но со промовирање на поактивна политика на соработка и со спроведување на мерките за градење доверба.

Ципрас најави дека за клучни теми што ја засегаат државата ќе побара поддршка и од другите партии од опозицијата. Политичките аналитичари во Грција сметаат дека за клучните реформи кои е неопходно да се спроведат за Грција да го испочитува договорот и да ја добие финансиската помош, Ципрас ќе ја има поддршката од партиите како ПАСОК, Нова демократија и Река, кои се залагаат за стабилна европска перспектива на државата и за избегнување нови перипетии, а воедно и при признавањето на изборните резултати побараа од Ципрас веднаш да се зафати со работа и со спроведување на договорот со европските институции.

Новиот премиер најави дека размислува за формирање на национален совет за европски прашања, во кој би учествувале рамноправно претставници и оддругите парламентарни партии.

Два клучни проблеми кои произлегоа од овие избори се опаднатата излезност на гласачите и непроменетиот рејтинг на Златна зора. На овие избори гласаа 56,5 проценти од гласачите, што покажува дека повеќе од 40 проценти од грчките граѓани не се изјаснија за ниту една политичка опција.

За споредба, во јануари годинава на изборите гласаа 63,6 проценти од граѓаните.

Златна зора покажа дека апсењето на нејзините членови и судскиот процес за функционирањето на партијата како криминална организација, не влијаеја воопшто на ставот на група граѓани кои остануваат нивни силни поддржувачи и го одржуваат стабилен рејтингот на партијата како трета најпопуларна политичка опција.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За една година, бројот на случаи на морбили во светот речиси се удвоил

Бројот на случаи на мали сипаници ширум светот речиси се удвоил од 2022 до 2023 година, покажува ново истражување, што претставува предизвик за напорите за елиминација во многу земји,...