fbpx

Тренчевска: Елиминирање на говорот на омраза и дискриминацијата се клучни

Министерката посочи дека и покрај посветеноста и напорите кои што се вложуваат во сензибилизација на општеството, говорот на омраза е една од најчестите форми на нетолеранција и ксенофобија

-

Неинформираноста и неприфаќањето на различностите се дел од клучните причини за постоење на стереотипи и предрасуди за жените и мажите во општеството. Секој стереотип и предрасуда води кон дискриминација, нееднаков третман и непочитување на луѓето, а тоа води кон кршење на човековите права и општествените вредности, рече министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска која учествува на меѓународната конференција „Човековите права во рамките на заштитата од дискриминација“, во Црна Гора.

Таа во своето обраќање на панелот „Борбата против говорот на омраза–современа област на антидискриминацијата“, се осврна на стереотипите за родовите улоги во општеството, за говорот на омраза, како и за одговорноста на секој поединец во општеството особено јавните личности за почитување на човековите права и ненасилна комуникација во македонското општество, при што истакна дека е направен огромен исчекор напред во последните 5 години.

„Во овој момент имаме 43% жени пратенички во Парламентот, 35% жени советнички во локалните самоуправи и 5 жени министерки. Но тоа не е доволно да кажеме дека нашето општество е родово сензитивно и дека де факто овозможува еднакви можности. Колку повеќе жените се присутни во процесите на одлучување, толку повеќе говорот на омраза во медиумите е изразен“ истакна Тренчевска.

Министерката посочи дека и покрај посветеноста и напорите кои што се вложуваат во сензибилизација на општеството, говорот на омраза е една од најчестите форми на нетолеранција и ксенофобија.

„Со жалење можам да потврдам дека социјалните мрежи во последните неколку месеци се местото на организирање на првите антиродови движења кај нас, кои се полни со говор на омраза, омаловажување, стигматизирање, а тоа е она што особено загрижува. Новиот Закон за родова еднаквост, на кој повеќе од посветено работи Секторот за еднакви можности во Министерството за труд и социјална политика, е цел на овие движења, кои воопшто не се во насока на проевропските аспирации кои ги негуваме како држава и како Влада. Закон кој треба да промовира еднаквост, можности за сите, создава жигосување и нетолеранција,“ истакна Тренчевска.

Министерката посочи дека одговорност кон почитување на човековите права и ненасилна комуникација има секој поединец во општеството, посебно кога станува збор за личности кои се дел од јавниот живот.

„Реакција кон родово заснованиот говор на омраза во јавноста не треба да има само од жени, што најчесто е случај, туку подеднаква одговорност треба да покажат и мажите кои се дел од јавниот живот. Родовата еднаквост не е само женско прашање, таа е прашање за основните човекови права,“ истакна Тренчевска.

На панел дискусијата стана збор и за говорот на омраза, кој особено стана изразен со појавата и ширењето на употребата на интернетот и друштвените мрежи. Во таа насока, министерката посочи дека младите жени, жените од јавниот живот и жените политичарки се мета на говор на омраза во секојдневното живеење.

„Како жена и како министерка за труд и социјална политика, секогаш стојам за солидарноста, одговорноста и праведноста и со таа намера стојам и во одбрана на жените кои се мета на говор на омраза на интернет и воедно и јас имам поднесено кривични пријави против оние кои шират говор на омраза,“ истакна Тренчевска.

Министерката информираше и дека, во месец mарт оваа година, Министерството за труд и социјална политика преку кампањата „Гласна и храбра“ покажа колку е важно да се зборува гласно за говорот на омраза, да се даде поддршка на секоја жена, но и да се охрабри секоја жена. Притоа, нагласи дека во периодот кој доаѓа во соработка со Советот на Европа ќе се работи на темата насилство преку интернет, каде што фокусот ќе бидат младите лица, со цел зајакнување на младите за препознавање на насилството и родовата еднаквост.

„Борбата против родово заснованиот говор на омраза и дискриминацијата кон жените е проблем кој ги засега сите земји во регионот. Анти – родовите движења се присутни насекаде, со основна цел да ја подријат демократијата во нашите современи општества. Затоа е потребна поголема регионална соработка, заеднички активности, на кои ќе се фокусираме во иднина и кои ќе бидат гарант за владеење на еднаквоста. Токму тука можеме да започнеме платформа за заеднички одговор кон говорот на омраза насочен кон жените. Ќе повторам – силни сме, храбри и одлучни,“ порача Тренчевска на меѓународната конференција во Црна Гора.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ЦИВИЛ бара заштита на децата од пропагандата: Политичката злоупотреба да престане веднаш!

Не смее да се дозволи децата да бидат жртви на политиката и странските злонамерни пропагандни операции. Политичките партии и нивните поддржувачи мораат да дадат придонес за заштита на децата,...