fbpx

ДЗР: Сметката на Општина Тетово е континуирано блокирана, се плаќа со компензации

Финансиските извештаи се одговорност на градоначалничката Теута Арифи (од 11 април 2013 до 3 ноември 2021 година), како и на Билал Касами, градоначалник на општината од 4 ноември 2021 година

-

Од причина што општина Тетово е континуирано блокирана со судски извршни решенија за наплата на неизмирени обврски, дел од намирувањата на обврските и побарувањата општината ги врши со пребивање (компензација), промена на доверител или должник – отстапување на побарување со договор (цесија) и со упатување (асигнација) како начини на плаќање на истите. Ова е наведено во последниот ревизорски извештај за општината, кој го објави Државниот завод за ревизија.

„Ваквиот начин на наплата/исплата на приходите/расходите, не е во согласност со член 25 став 2 од Законот за платен промет каде е регулирано дека буџетските корисници и единките корисници и другите субјекти кои имаат трансакциски сметки во трезорската главна книга не можат да вршат плаќања со пресметка ако имаат блокирани сметки“, наведено е во извештајот.

Со извршената ревизија на финансиските извештаи за 2021 година, ревизорите констатирале дека има отстапување меѓу планираните и реализираните приходи и расходи, при што планираните приходи се остварени со процент од 59,8 отсто, a расходите со 58 отсто.

„Планирањето на буџетот на општината не се заснова на реалните состојби и можности на општината. Одлука за прогласување на финансиска нестабилност на општината не е донесена, иако општината подолг временски период ги исполнува условите за прогласување на финансиска нестабилност. Општината нема извршено ажурирање на пазарната вредност на целиот недвижен имот на територијата на општината. Не е извршен надзор над наплатата на таксата за привремен престој за 2021 година кај субјекти кои даваат таков вид на услуга. Општина Тетово не остварува приходи по основ на надоместок за јавна чистота“, наведено е во документот.

Финансиските извештаи се одговорност на градоначалничката Теута Арифи (од 11 април 2013 до 3 ноември 2021 година), како и на Билал Касами, градоначалник на општината од 4 ноември 2021 година.

„Сметката на Општина Тетово од месец март 2014 година е континуирано блокирана со судски извршни решенија за наплата на стари неизмирени обврски. На крајот на 2021 година во својата сметководствена евиденција општината има евидентирано неизмирени обврски за кои има извршни судски решенија во износ од 278.678 илјади денари. Заклучно со ноември лани, сметката на општината е блокирана за вкупен долг од повеќе од 392 милиони денари“, констатирале ревизорите.

Во наведените препораки од ревизорите стои дека градоначалникот на општината и општинската администрација треба да го напуштат воспоставениот начин на вршење на платниот промет и да обезбедат рамноправна положба на доверителите.

„Градоначалникот на општината да пристапи кон формирање на работна група која ќе изврши детална анализа на извршените плаќања со пресметка, нивно поврзување со договорите и деловните книги (фактури) и нивно евидентирање во сметководство“, наведено е во соопштението.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...