За енергетска ефикасност повеќе се зборува, но слабо се применува

Фото: Еко свест

Една куќа од 45 квадратни метри која нема изолација и се затоплува со печка со дрва, доколку спроведе неколку мерки за енергетска ефикасност како што се изолација на ѕидовите, нов покрив, нови прозорци и инсталирање на топлинска пумпа, потрошувачката на енергија и емисиите на загадувачки гасови може да ги намали за три пати. Сепак, овие инвестиции се превисоки за просечното македонско домаќинство, а мерките за поддршка кои ги даваат државата и локалните самоуправи се недоволни.

Иако енергетската ефикасност е една од најефикасните начини за справување и ублажување на климатските промени кај нас, истовремено е и најзапоставена. Овој тип мерки овозможуваат наместо постојано да водиме трка за зголемување на производството на енергија за да ги задоволиме растечките потреби, да ги лоцираме местата каде непотребно трошиме и од неа да извлечеме многу повеќе вредност. Но, и покрај тоа што овој поим со години е присутен насекаде во јавната сфера, тој не е поткрепен со соодветни политики, информации и пред сѐ пари, е главниот заклучк од панел дискусијата „Потрошувачите  во срцето на енергетската политика“ организирана од Организацијата на потрошувачи на Македонија – ОПМ и Еко-свест.

„Ние ја сметаме енергетската ефикасност како една од главните, клучни климатски акции, но за жал таа не е многу присутна како тема, ниту како финансиска импликација во буџетите. Таа е занемарена како една од климатските акции кои може да имаат значително влијание врз подобрување на состојбата не само за секое домаќинство, туку, и на целосната економија“ рече Ана Чоловиќ од Еко-свест потенцирајќи дека анализите покажуваат дека енергетската ефикасност има поголем потенција за создавање на „зелени“ работни места споредено со работата во нашите најголеми електрани.

Анализата на Центарот за климатски промени на едно домаќинство во куќа од 45 квадратни метри без изолација во скопската околина кое во зима се грее на дрва и кое е репрезентативно за илјадниците низ државата кои постојано се посочуваат како фактори на загадување на воздухот поради тоа што користат огревно дрво во стари печки, покажува дека со примена на мерки за енергетска ефикасност потрошувачката на енергија и емисиите на загадувачки гасови се намалуваат за три пати, но дека оваа инвестиција за нив е преголема.

„Кон енергетската ефикасност треба да се заземе пристапот за заштитата на животната средина и здравјето, наместо економскиот како што е досега. Ако се гледа само од економски аспект повратот на овие инвестиции е на премногу голем период за да биде примамлив за потрошувачите. Влијанието врз животната средина пак е нешто што го оправдува целото вложување и тој е пристапот кој треба да го водат институциите. Мора да зборуваме еколошки, не економски“ смета Филип Стојановски од ЦКП.

Маријана Лончар Велкова од ОПМ посочи дека домаќинствата и малите потрошувачи се надвор од фокусот на енергетските политики. Споредено со други земји, во С. Македонија се нудат мали бенефиции и поттици за инсталирање на соларни панели, но и за набавка на нови енергетски ефикасни уреди со кои може да намали уделот во потрошувачката на секој одделно, а преку тоа и заедничката. Клучно, од ОПМ, сметаат дека денеска за потрошувачите кај нас не постои никаков начин на советување или советувалиште кое на заинтересираните граѓаните ќе им ги објасни политиките и достапните мерки и ќе им помогне како да испланираат подобра и поефикасна инвестиција во енергетска ефикасност со ограничените пари што ги имаат на раполагање.

Таа ја презентираше и акцијата на ОПМ за колективно купување на инвертер клима уреди на околу 38.000 потрошувачи од шест земји, меѓу кои и од Македонија која е достапна на страницата kolektivnokupuvanje.mk . Целта на акцијата преку масовно здружување на организации и на потрошувачи од повеќе земји да се овозможи купување на сертифицираните штедливи уреди за загревање и ладење по најдобро можни услови и со најголем можен квалитет вклучително и на професионална монтажа.

Според Елена Николовска од Еко-свест, енергетската трансформација не може да се случи без мерките за енергетската ефикасност. Енергетската ефикасност значи размислување за намалување на емисиите на стакленички гасовиво секторот енергетика како највиновен за климатската криза и заштеда на пари за граѓаните.

„Македонија има добра регулатива за енергија, но потребно е навремено транспонирање на ЕУ директивите и олеснување на административните процедури за граѓаните како и капацитетите на институциите и локалните. Потрошувачот треба да има на располагање механизми/процедури за мерки за ЕЕ и ОИЕ како и советодавна, финансиска и административна подршка за да ги реализира овие инвестиции, “ посочи Николовска.