Неизвесна битка меѓу власта и опозицијата на парламентарните избори што денеска се одржаа во Црна Гора. Демократската партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ има тесно водство со освоени 34,9 отсто од гласовите, додека опозициската коалиција „За иднината на Црна Гора“ освоила 32,7 отсто од избројаните гласови, покажуваат податоците што ги објави подгоричкиот весник „Побједа“ на преброени 82,4% од гласовите.

Преброените гласови ги потврди и „Вијести“, кои појаснуваат дека помалите партии и коалиции ќе одлучат кој ќе ја формира идната влада во Црна Гора. Коалицијата „Мирот е наша нација“ освоила 12,6 отсто од гласовите, додека коалицијата „Црно на бело“ има 5,6 отсто од гласовите. Бошњачката партија и социјалдемократите на денешните избори освоиле по 4,2 отсто од пребројаните гласови, додека социјалдемократската партија има 3,1 отсто од гласовите.

Албанската листа освоила 1,4 отсто од гласовите, додека албанската коалиција има 1,1 отсто од граѓаните кои излегоа на гласање. Двете хрватски партии засега имаат по 0,2 отсто, односно 0,1 отсто од гласовите, а за влез во црногорскиот парламент потребно е една од овие партии на хрватското малцинство да освои барем 0,35 отсто од гласовите. Врз основа на ваквите резултати, засега е непознато која од двете големи коалиции ќе ја формира власта во Црна Гора.

На денешните избори изненадувачка беше високата излезност на граѓаните впишани во Избирачкиот список. Податоците покажуваат дека речиси 76 отсто од избирачите го дале својот глас на парламентарните избори. Денешното гласање во Црна Гора се одвиваше во мирна атмосфера.

До Државната изборна комисија не биле пријавени поголеми инциденти на изборниот ден. Гласањето беше одбележано со почитувањето на мерките за заштита од корона вирусот, при што гласачите мораа да носат медицински заштитни маски на гласање и да се дезинфицираат пред влезот на гласачките места.