Припадници на Единицата за брзо распоредување и оклопни возила се распоредени пред седиштето на СПУКМ, каде што членовите на Студентскиот парламент ги заклучија кутиите од денешното гласање за избор на претседател на Студентскиот парламент.
Специјалците ги туркаат студентите за да го ослободат просторот пред СПУКМ каде што членовите на „Студентски пленум“ веќе неколку часови чекаат да се изнесат кутиите во кои се наоѓаат ливчињата од денешното гласање. Членовите на пленумот извикуваат „Стоп за полициската бруталност“.
Претходно, додека сè уште траеше гласањето на факултетите, „Студентски пленум“ ја оспори регуларноста на изборите за претседател на Студентски парламент.
На гласањето немаше избирачки список, печати на гласачките ливчиња, паравани за тајно гласање, а избирачките кутии беа обложени со бели листови. Непосредно по завршувањето на гласањето на студентските избори, гласачката кутија од Правниот факултет „Јустинијан Први“ беше насилно однесена од лица за кои „Студентски пленум“ обвинува дека немаат никаква поврзаност со УКИМ, по што настанаа турканици.