fbpx

Тендерот за втората фаза од автопатот Скопје-Блаце ќе се објави догодина, изградбата ќе почне во 2022 година

-

Во третиот квартал од 2021 година се очекува да се објави меѓународниот тендер за избор на изведувач што ќе ја гради втората фаза од автопатот Скопје-Блаце, долга околу 10,5 километри. Досега за идната автопатска делница е изработено нацрт идејно решение, со кое треба да се избере најповолната алтернатива за трасата на автопатот, информираат за „Мета.мк“ од Јавното претпријатие за државни патишта.

Основниот проект треба да биде готов за 12 месеци, односно во третиот квартал од 2021 година. Токму во овој квартал, треба да се објави тендерската процедура со прет-квалификациска фаза за пронаоѓање изведувач, при што до почетокот на 2022 година се очекува избор на најповолен изведувач. Од ЈП за државни патишта велат дека градежните работи се очекува да започнат во 2022 година и да траат околу 36 месеци.

„Со оглед дека проектот се подготвува според процедури на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), рокот е подолг од вообичаеното, бидејќи има процедури кои мора да се поминат, како што е на пр. Студијата за оцена на влијание врз животната средина и социјалните аспекти, за која сме обврзани да биде јавно достапна 120 дена. Исто така, сакаме овде да потенцираме дека и теренот на кој би требало да биде трасата е непристапен, што дополнително во иднина ќе ја усложни работата“, објаснуваат од ЈП за државни патишта.

Втората фаза од автопатот Скопје-Блаце ја опфаќа изградбата на трасата од клучката кај селото Блаце до клучката кај скопската обиколница. Трасата долга околу 10,5 километри ја проектира „ИПф7“ конзорциумот, предводен од Хил Интернешнл. Целиот автопат од Скопје до Блаце е поделен во две фази, кои се вкупно долги 12,5 километри, а нивната изградба се очекува да чини над 110 милиони евра.

Во меѓувреме, на терен со забавено темпо се одвива изведбата на првата фаза од автопатот Скопје-Блаце долга 2 километри, на потегот меѓу граничниот премин „Блаце“ и идната клучка кај селото Блаце. Договорот за изведба со градежната компанија „Гранит“ беше потпишан во јануари годинава, но експропријацијата на земјиштето по кое минува трасата не е завршено, иако станува збор само за 68 парцели.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски веќе изјави дека има напредок во експропријацијата на земјиштето за првата фаза од автопатот Скопје-Блаце, информирајќи дека изведувачот е воведен во работа и може да се влезе во сериозна реализација.

„Во тек на градба на првиот треба да заврши проектот и тендерот за вториот и да се избере изведувач. Ќе ја следиме и таа динамика, важно е дека таму треба да се почне со посериозна динамика“, посочи тој во однос на изведбата на двете фази од автопатот Скопје-Блаце.

Инаку, „Мета.мк“ веќе пишуваше за потребата од забрзување на постапката за изградба на автопатот Скопје-Блаце, имајќи го во предвид фактот дека Косово веќе си го заврши својот дел од работата, а преостанатите километри од граничниот премин „Блаце“ до Скопје во моментов се со само една коловозна лента за движење за секој правец. Патот е преполн со дупки и нерамнини, иако по него има сè поголема фреквенција на возила.

Косово е наш трговски партнер во кој повеќе извезуваме отколку што увезуваме стоки на годишно ниво, додека бројни жители од оваа земја често доаѓаат по набавки и завршување на други услуги и оставаат значителни средства во земјава. Покрај економскиот бенефит, токму автопатот преку Косово во моментов е и најбрзата патна врска до пристаништата во Бар и Драч за македонскиот главен град и за северните делови од земјава.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со автоматска пушка влегол во казино во Лешок и украл над 300.000 денари

Наредба за истражна постапка против 28-годишен жител на селото Непроштено, Општина Теарце, кој е осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка, донесе Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово. Во...