Photo by Guillaume Périgois on Unsplash

Северна Македонија е умерено подготвена во областа на слободата на изразувањето и оствари ограничен напредок во текот на извештајниот период. Вака Европската комисија ја оценува состојбата со слободата на изразувањето во земјава во последниот извештај, кој беше објавен минатата недела.

Иако Комисијата смета дека општата клима за работата на медиумите е погодна и овозможува критичко известување, сепак, потсетува на тензијата што ја предизвикала кризата со корона вирусот и изборите.

Во генералната оценка се даваат конректни насоки како земјата да го подобри квалитетот на новинарството, а се бараат и одржливи решенија за обезбедување на независноста на Националната радио-телевизија преку финансиската одржливост, со што ќе се подобри и известувањето на новинарите.

Се повикува Владата да продолжи да ги поддржува напорите за плурализам во медиумите, непристрасното известување и истражувачкото новинарство, со цел да се зајакне ефикасноста на борбата против дезинформациите.

Според ЕК, предизвик останува и финансиската одржливост на независните медиуми и условите за работа на новинарите.

Годинашниот извештај има три главни препораки како да се подобри состојбата со слободата на медиумите, а приоритет се дава на реформата на јавниот радиодифузен сервис.

Се инсистира на завршување на изборот на новите управувачки органи на МРТ и на медиумскиот регулатор и обезбедување финансиска издржливост на тие институции.

„Назначувањата на новите членови на Програмскиот совет на јавниот радиодифузен сервис и Советот на медиумскиот регулатор беа одложени во Собранието, со што се попречуваат очекуваните позитивни ефекти од реформата врз нивната независност“, стои во извештајот.

Тие забележуваат дека јавниот сервис, поради дискреционите права на властите, не ги добива средствата предвидени според законот. Наместо 0,8 отсто од националниот буџет, во 2019 година МРТ добила само 0,6 отсто.

„Законот предвидува опција за властите да ја ограничат распределбата на средствата на регулаторот, јавниот радиодифузер и јавното претпријатие за емитување“, се забележува и се препорачува дополнително усогласување на законот со директивата на ЕУ за аудиовизуелни медиумски услуги.

За Брисел, еднакво важно е да се најде и решение за старите долгови на куќата кон државните институции. Ваквите чекори би придонеле за модернизација на работните процедури и техничка опременост на јавниот сервис.

Втората важна препорака се однесува на политиката на неказнивост за физичкото и вербалното насилство врз новинарите. „Старите случаи во врска со најсериозните физички напади врз новинари (13) сè уште не се решени“, потсетува извештајот и забележува дека случаите на заплашување на новинарите пораснале во споредба со претходната година.

Се констатира дека Јавното обвинителство ефикасно ги следи инцидентите со новинарите, но се бараат дополнителни подобрувања, особено кога се закануваат политичари.

„Потребна е подобра координација помеѓу различни институции за побрзо постапување во врска со пријавените повреди. Политичарите и јавните службеници сè уште треба да покажат повисоко ниво на толеранција кон критиката и да ја промовираат слободата на изразување“, стои во извештајот.

Европската комисија има забелешки и за честите измени на законската рамка за медиуми, која влијае на правната сигурност. Се спомнуваат измените поврзани со спорот меѓу националните телевизии и кабелските оператори во врска со пренесувањето странски канали.

„Владата донесе неколку уредби помеѓу март и јуни 2020 година, во обид да се реши спорот меѓу ТВ-каналите и кабелските оператори, но допрва треба да се постигне одржливо решение“, се укажува во извештајот.

Во овој дел, внимание привлекува и владината уредба за платеното политичко рекламирање на партиите со државни средства во медиумите, која медиумските здруженија ја гледаат како опасност врз независноста на медиумите.

„Важно е да се обезбеди поголема транспарентност на рекламирањето во медиумите од страна на државните институции, политичките партии и јавните претпријатија“, се потенцира во извештајот.

ЕУ особено се фокусира на медиумскиот пазар, каде што има многу актери, а малку реклами. „Дисбалансот помеѓу медиумите и достапното финансирање предизвикува загриженост за финансиската одржливост на медиумите и за интегритетот и независноста на медиумите“, оценува ЕК и бара посебни напори за обезбедување независност на локалните медиуми од политичките актери.

Посебна згриженост кај Комисијата предизвикува присуството на говорот на омраза на интернет и не само таму, барајќи зголемување на напорите за борба против дезинформациите преку градење флексибилност на медиумите.

„Дезинформациите, говорот на омраза, непочитувањето на професионалните стандарди и кршењето на правата на интелектуалната сопственост се чести во мрежните медиуми“, оценува извештајот.

Таму се фали проактивниот став на властите за спротивставување на „лажните вести“, но исто така се истакнува и стравувањето од медиумските организации за можни ризици од цензура.

„Главниот уредник на еден медиум на интернет доби шестмесечна условна казна за откривање службена тајна. Медиумските здруженија ја осудија постапката со која тројца новинари беа испрашувани од полицијата, барајќи да ги обелоденат своите извори и побараа од властите да ги испитаат одговорните за неовластените аудиозаписи“, се нотира во извештајот.

На крајот, се бара значително подобрување на условите за работа на новинарите, особено на локално ниво.

„Поради лошите работни услови, новинарите и медиумските работници се подложни на самоцензура“, констатира ЕК.

Не се заборави ниту лишувањето на новинарите од можноста за поплаки до Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, поради доцнењето со назначувањето на директорот од страна на Собранието.

Автор: Насер Селмани

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.