Телескоп со посебна технологија ќе го истражува создавањето на Млечниот пат

Фото: Luminas Art / Unsplash

Телескопот „Вилијам Хершел“ (WHT) којшто е поставен во Ла Палма, Шпанија е надополнет со нова технологија што ќе открие како е формирана нашата галаксија со досега најпрецизни детали.

Телескопот ќе може да истражува 1.000 ѕвезди на час сè додека не формира каталог од сите 5 милиони што се наоѓаат во Млечниот пат.

Би-Би-Си јавува дека овој инструмент ќе ја анализира градбата на секоја ѕвезда посебно како и брзината со која патува, што ќе открие на кој начин е изграден Млечниот пат во текот на изминатите милијарди години.

Професорот Гевин Далтон од Универзитетот Оксфорд вели дека ова е фантастично достигнување на многу луѓе што придонеле денес да функционира телескопот.

„Следниот чекор е нова авантура и тоа е брилијантно“, изјавил професорот Далтон за Би-Би-Си.

„Weave“ технологијата е вградена во телескопот „Вилијам Хершел“ што сега е поставен на планина на шпанскиот остров Ла Палма.

Телескопот е изграден од 80.000 различни делови и се смета за чудо на инженерството.

Во секој дел од небото кон кој е насочен телескопот, астрономите ги идентификуваат позициите на илјадници ѕвезди. Тој е составен од т.н „роботски прсти“ кои имаат внимателно поставени цевки што ја пренесуваат светлината прецизно на секоја од плочите што е насочена кон одредена ѕвезда.

Овие цевки се всушност мали телескопи. Секоја од нив ја доловува светлината на одредена ѕвезда и потоа ја поврзува со друг инструмент. Потоа светлината се дели на спектар од виножито што ги содржи тајните за создавањето и историјата на ѕвездата.

Целиот овој процес трае еден час. Додека се случува ова, цевките се насочени кон следните 1.000 ѕвезди на западната страна на плочата што се превртува за да го анализира следниот таргетиран сет ѕвезди.

„Weave“ има можност да ја одреди брзината, насоката, староста и структурата на секоја ѕвезда што ја набљудува по што успева да создаде филм од ѕвезди што се движат во Млечниот пат. Според професорот Далтон, со помош на ова ќе може да се реконструира целото формирање на Млечниот пат и тоа во досега невидени детали.

„Ќе може да ги следиме галаксиите што биле апсорбирани во Млечниот пат додека тој се формирал во космичко време и да видиме како секоја апсорпција на нова галаксија влијаела врз создавањето на нова ѕвезда“, посочил професорот Далтон.